Левица со кривична пријава за „саботажа“ за екс-претседателот на Уставен, поради Законот за јазици

Партијата Левица денеска до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против поранешниот претседател на Уставниот суд на РМ – г. Никола Ивановски.

Претседателот на партијата – Димитар Апасиев, на прес-конференција соопшти дека Ивановски го обвинуваат за кривично дело „Саботажа“, поради тоа што две години неосновано го чува во фиока предметот за т.н. Закон за двојазичност, кој, според Левица, е илегално објавен без потребниот потпис на Претседателот на Републиката.

Со тоа, на подмолен начин, предизвикани се тешко отстранливи и штетни последици по уставниот поредок на Република Македонија, изјави Апасиев. Тој најави кривични и за актуелниот претседател на Уставниот суд, како и за директорот на „Службен весник“, поради тоа што го објавил Законот за употреба на јазиците без потпис од тогашниот претседател Ѓорге Иванов.

„По падот на оваа квислиншка власт, која тајно припрема терен за федерализација на државата, вакви пријави ќе бидат поднесени и против сегашниот претседател на Уставниот суд, како и против директорот на ЈП ‘Службен весник на РМ’!“, изјави Апасиев.

Прочитајте и:  Левица со кривична пријава против Африм Гаши поради неодземањето на мандатот на Талат Џафери

На прес-конференцијата, тој најави и дел од „посензитивните“ мерките што Левица ќе ги предложи во сферата на правосудството:

„Тоа е укинување на трајниот мандат на судиите и воведување на низа анти-непотистички мерки со цел да не може на едно исто апелационо подрачје таткото да биде судија, синот да биде обвинител, мајката да биде адвокат, а ќерката нотар. Тоа не постои никаде во светот и мора да се стави крај на овие фамилии што владеат во Обвинителството и во правосудството“.

Апасиев најави и намалување на тарифите и укинување на извршителите – кои ги нарече непотребни во нашиот правосуден систем. Како што соопшти, Левица ќе бара нивна замена со судии-извршители, бидејќи, како што рече, има доста судии кои се технолошки вишок, па наместо да останат без работа, подобро е да им се даде да работат извршни предмети.

- Реклама -