Левица ќе поднесе предлог-закон за укинување на апанажата

Пратениците на Левица до Собранието ќе поднесат предлог-закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во Републиката, со цел укинување на апанажата, најавија од партијата.

Од Левица посочуваат дека најголем дел од министрите кои што повеќе не се дел од Владата, максимално ги користат сите функционерски привилегии и ќе продолжат да земаат плата од Буџетот на Република Македонија и по престанокот на нивната функција, односно таканаречената апанажа. Како што претходно беше информирана јавноста, меѓу нив се Радмила Шеќеринска, Мила Царовска и Никола Димитров – функционери кои, како што посочуваат од Левица, по своите анкетни листови располагаат со милионски имот.

„Наспроти привилегиите кои бесрамно ги користат овие потомци на црвената буржоазија, обичен работник во Република Македонија кој ќе остане без работа, може да зема само 50% од просечната нето – плата која што тој ја земал последната година и тоа под услов, само ако има минимален работен стаж од 9 месеци без прекин или 12 месеци со прекин.

Притоа, за да може работникот да земе надоместок по основ на невработеност, треба да се исполнат уште многу други услови, како на пример: работниот однос да не престанал со отказ од страна на работникот, со спогодба, со отказ од страна на работодавецот поради кршење на работниот ред и дисциплина итн.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Од друга страна, за министрите не се предвидени никакви услови, па така ним им следува 100% од платата која што ја земале додека биле министри, а за министерување од 24 месеци, законот предвидува можност за земање на апанажа од 12 месеци. Додека пак, едно невработено лице за да земе надоместок по основ на невработеност 24 месеци, потребно е да има работен стаж од 25 години!“, потсетуваат од Левица.

Како што велат од партијата, воопшто не се изненадени од фактот што ниту еден од наведените министри не се откажува од апанажата дури и во време на економска, здравствена и енергетска криза, бидејќи, според Левица, истите се и главни генератори и виновници за сиромаштијата, криминалот и класната раслоеност која владее денес во државата.

- Реклама -