Левица поднесе интерпелација против Илире Даути за блокадата на законот за бранители

Пратеничката група на Левица денеска во Собранието поднесе интерпелација на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути поради блокадата на законот за бранителите.

Пратеникот Сашко Јанчев на прес-конференција во Собранието рече дека откако беше изгласана потребата за носење на овој закон Даути не ја ставила точката на дневен ред на Комисијата во рок од 24 часа, а тоа не го сторила и откако се собрале потписи од пратениците за тоа да се направи, како и дека на секоја седница на Комисијата таа одбива да го стави законот за бранители на дневен ред.

-Со ваквото постапување се кршат член 62, став 3 од Уставот, член 14, став 1, алинеа 5 од Законот за пратениците и членови од Деловникот. Со ваквите дејствија претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути врз основа на нејзина лична основа за законот континуирано постапува противуставно, противзаконски и противделовнички и не дава никаква надеж дека тоа ќе се промени и од тие причини пратеничката група на Левица и поднесе интерпелација, образложи Јанчев.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

За вчерашниот инцидент во Собранието, рече дека започнал по провокација на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев, којшто прв упатил навреди и ја спомнал сестрата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

-Вчерашниот инцидент настана за тоа дали премиерот Мицкоски треба да одговара на пратенички прашања и дали конкретно треба да биде повикан или не. Тој веќе беше во салата, беше повикан од нашите членови за опозициски прашања. Во моментот кога настана забуната, пратеникот од Кавадарци од редовите на ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев, беа упатени навреди и беше спомната сестрата на Апасиев, рече тој.

На прашањето дали доликува на пратеник да фрла слушалки и да навредува во Собранието, пратеникот посочи дека не доликуваат многу работи, но оти тие ќе се бранат во секој случај и оти не се плашат.

- Реклама -