Никој не си оди од Лестер! Ние не сме клуб кој произведува играчи кои подоцна ќе развиваат некој друг клуб. Сите играчи остануваат во клубот за да видиме до каде можеме да дотуркаме, вели Ајават Шривадханапраба.
Газдите на новиот шампион во Премиер лигата планираат да го задржат во идентичен состав победничкиот тим, наспроти шпекулациите дека половина тим ќе се проба во некој од гигантските клубови.
По вчерашното реми на Стемфорд Бриџ каде единствениот конкурент за титулата во англиското првенство, Тотенхем пропушти 2:0 предност, Лестер Сити за прв пат стана шампион во 132 годишната традиција на англискиот клубски фудбал.
Тајланѓанецот Ајават Шривадханапраба инаку син на газдата на клубот Вичај Шривадханапраба вчера во живо го гледаше натпреварот по кој и официјално се дозна новиот шампион на Англија, рече дека сака да го задржи целиот тим на Лестер. „Сите играчи остануваат во клубот за да видиме до каде можеме да дотуркаме. Немаме намера да заработуваме од продажба на играчите“.
Нормално е да се очекува дека за време на летниот преоден рок многу тимови ќе потегнат, најпрвин по Ријад Марез и Џејми Варди, па по одличниот Канте и Каспер Шмајхел. Коефициентот низ светските обложувалници за Лестер беше 5000:1 што е еднакво на тоа да се обложите дека Барак Обама ќе заигра крикет за англиската репрезентација или дека Елвис Присли ќе биде пронајден жив.
„Татко ми е горд што е газда на еден од англиските клубови, а уште погорд бидејќи е газда на шампионски тим“, тој вели дека трофејот кој Лестер ќе го подигне оваа сабота на домашен терен каде го очекува тимот на Евертон, ќе биде обложен со сини и жолти траки. Сина е бојата на Лестер, а жолта е бојата на Тајландската кралска фамилија.
Лестер летово ќе гостува и на Тајланд, можеби најмногу во знак на благодарност, бидејќи играчите многу добро знаат колкава подршка имаа од тајландскиот народ, рече Ајават.