72
Прескокнувањето на спиењето е опасна навика која може да го зголеми ризикот од висок крвен притисок, срцеви заболувања, деменција и други проблеми. На возрасните им требаат помеѓу седум и девет часа сон секоја вечер. Иако можеби легнуваме во време кое овозможува доволно сон, не е секогаш лесно да се знае дали нашето тело навистина го добива потребниот одмор.
Лекарите истакнуваат дека една од главните причини за лошиот квалитет на сонот е апнеја при спиење.
Според Националниот институт за здравје, се проценува дека речиси една милијарда возрасни, на возраст од 30 до 69 години, ширум светот имаат опструктивна апнеја за време на спиење.
„Апнеја при спиење е хронично нарушување на спиењето кое се карактеризира со отежнато дишење за време на спиењето“, изјави за „HuffPost“ Кејти МекКулар, докторка по неврологија во Општата болница во Масачусетс.
Апнеја при спиење може да го зголеми ризикот од одредени здравствени проблеми и може да биде опасна по живот ако не се лекува. Ова е причината зошто експертите предупредија на два главни знаци на апнеја при спиење кои се јавуваат за време на спиењето и не треба да се игнорираат.
1. ‘Рчење
Вообичаен симптом на апнеја при спиење во текот на ноќта е ‘рчењето, според д-р Робсон Капасо, шеф на хирургија за спиење на Медицинскиот факултет на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија. Можеби не сме свесни дека ‘рчиме, но тоа често го забележуваат нашите партнери, цимери или членови на семејството, истакнува тој. Таквото ‘рчење е обично гласно, па дури и може да се разбудиме од силниот звук на ‘рчењето, велат од клиниката Мајо.
Од друга страна, некои луѓе ‘рчат иако немаат апнеја при спиење. „Тие едноставно го имаат она што го нарекуваме примарно ‘рчење, каде што го испуштаат звукот бидејќи ткивата на задниот дел од грлото вибрираат“, објаснува д-р Капасо.
„’Рчењето може да биде резултат на спиење на грб или спиење во сува просторија“, вели Меккулар.
Значи, не мора да паничиме ако ‘рчиме, но не треба да ја игнорираме можноста дека се работи за нешто посериозно.
2. Неправилни шеми на дишење
‘Рчењето само по себе е проблем со дишењето, но луѓето со апнеја при спиење може да имаат и други проблеми со дишењето.
„Интересно е што ‘рчењето не е единствениот знак за проблеми со дишењето за време на спиењето, туку и повремени периоди на тишина. Луѓето кои страдаат од апнеја при спиење може да имаат моменти кога воопшто не дишат, поради што не можат да ‘рчат додека дишните патишта се затворени. Тие често се будат ненадејно по овие моменти на тишина бидејќи нивото на кислород во крвта паѓа под одредено ниво, предизвикувајќи будење“, објаснува МекКулар.
Според д-р Капасо, луѓето исто така може да доживеат нешто што се нарекува хипопнеа, кога не престануваат да дишат, но имаат намален проток на воздух. Често звучи како серија плитки вдишувања, вели тој.
Повторно, ова се работи кои веројатно нема да ги забележиме сами, иако честото будење во текот на ноќта може да биде знак.
„Апнејата при спиење може да доведе до сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи срцеви заболувања, мозочен удар и дијабетес, доколку не се лекува.“, заклучи МекКулар.