Лекари без граници: Ужасни бројки на убиени и осакатени деца во Газа

Австралиска докторка која ја координирала медицинската помош за Појасот Газа вели дека е ужасната од „големиот број деца кои се убиени или доживотно осакатени“ во палестинската енклава.

Докторката Натали Тертл, која до минатата недела помагаше во надгледување на помошта на Лекари без граници (МСФ), рече дека е многу тешко за колегите „кои се обидуваат да обезбедат здравствена заштита во моменти кога може да се пука во нив од прозорецот на болница“. Таа оцени и дека „е невозможно да се воспостави смислен одговор на оваа катастрофа поради тековните воени активности“.

– Таа ситуација создава се повеќе пациенти секој ден, така што преоптоварувањето е апсолутно огромно и луѓето немаат никакво безбедно место каде да одат, рече таа во интервју за австралиското издание на Гардијан.

Натали Туртл, лекарка за итни случаи од Тасманија, беше во Источен Ерусалим од почетокот на ноември до минатата недела за да помогне во координирањето на медицинските операции на Лекари без граници во Појасот Газа. Таа беше во секојдневен контакт со лекарите на опколената територија додека тие го планираа нивниот здравствен одговор и го опиша „неверојатно хаотичното опкружување“ што беше „исклучително тешко за управување“. Таа рече дека секој ден во болницата Ал Акса во центарот на Газа пристигнуваат меѓу 150 и 200 пациенти, но „околу една третина од тие пациенти се мртви по пристигнувањето, што е многу тешко, бидејќи многу од нив се деца“.

– Секако од разговори со колегите и гледањето на сликите што тие ги гледаат, бројот на убиени или осакатени деца во овој конфликт е многу екстремен. За жал, околу тоа има многу дезинформации, но тоа е секако она што го гледаме на терен – дека има огромен процент на деца кои се убиени или доживотно осакатени во овој конфликт, рече таа.

Прочитајте и:  Десетици вооружени хулигани запалија трамвај во Амстердам

Нејзиниот колега Крис Хук, кој е шеф на медицинскиот тим на Лекари без граници во Газа, оваа недела рече дека во болницата Насер, лекарите „газат над телата на мртвите деца за да можат да лекуваат други деца кои во секој случај ќе умрат“. Тертл вели дека претставниците на Лекари без граници зборуваат затоа што чувствуваат дека имаат одговорност да објаснат што гледа и што го доживува нивниот персонал, имајќи предвид дека „има огромен број коментари од луѓе кои не се директни сведоци на она што се случува на терен“.

– Мислам дека сме обвинети за губење на неутралноста за време на овој конфликт, но важно е да се забележи дека известувањето за она што здравствените работници директно го гледаат не е губење на неутралноста, рече таа.

Бројот на загинати Палестинци во Газа надмина 20.000, од кои околу 8.000 деца и 6.200 жени, додека повеќе од 52.000 луѓе се повредени, соопшти канцеларијата за медиуми на владата на територијата.

Владите на САД и Израел претходно велеа дека со оглед на тоа што Газа беше управувана од Хамас бројките треба да се третираат со скептицизам, но претставници на ОН и групите за човекови права велат дека бројките обично се веродостојни.

Медицинското списание Лансет истакна дека нема докази дека бројките се надуени.

МИА

- Реклама -