ЛА Лејкерс го загубија и вториот натпревар во новата НБА сезона така продолжувајќи со лошите резултати од подготвителниот период во кој беа поразени на сите осум дуели.
Портланд славеше на свој терен со 116:106 и покрај 33 поени на Двајт Хауард и 30 на Коби Брајант, а една од причините веројатно е и повредата на Стив Неш во првото полувреме поради која мина само 16 минути на паркетот.
Целата стартна петорка на домашните беше на висина на задачата, а најефикасен беше Николас Батум со 26 постигнати поени, додека дебитантот во лигата, Демијан Лилард запиша 23 поени и 11 асистенци.
Екипата на Далас која во првото коло ги совлада Лејкерси на нивни терен во второто гостување воопшто не беше така успешна. Јута победи со импресивни 113:94, а одлучувачка беше третата четвртина која домаќините ја добија со 37:13.
Чикаго без Дерик Роуз славеше како домаќин против Сакраменто со 93:87, предводен од одличниот центар Јоаким Ноа со 23 поени, 10 скока и три асистенции.
Џејмс Харден веднаш се покажа како одлична аквизиција за Хјустон оправдувајќи ги 80-те милиони долари кои ги доби за петгодишниот договор со клубот. Довчерашниот член на Оклахома го предводеше својот тим до победата во Детроит од 105:96, со 37 поени, 12 асистенции и шест скока.