Еднаш, многу одамна се собрале на едно место на земјата сите чувства и квалитети на луѓето.
Одеднаш лудилото, како и секогаш доволно лудо, предложило: „Сакате да играме криенка?”. Љубопитноста, без да може да се воздржува, прашала: Криенка! И каква е таа игра?”
„Тоа е една игра – започнало да објаснува лудило – во која јас ги затворам очите и почнувам да бројам од еден до еден милион, додека за тоа време вие се криете и кога ќе престанам да бројам, првиот од вас, што ќе го најдам, ќе го заземе моето место , за да се продолжи играта. Ентузијазмот се вклучил веднаш во играта, проследен со еуфорија. Радоста исто така весела го убедила сомнежот, дури и апатијата која никогаш ништо не ја интересира. Но не сите сакале да учествуваат. ВИСТИНАТА претпочитала да не се крие, бидејќи веднаш ќе биде откриена. Надменоста рекла дека тоа е една многу глупава игра (но всушност ја нервирало тоа што идејата не била нејзина).
Еден … два … три … почнало да брои лудилото. Првиот, кој се скрил била мрзата која како и секогаш застанала уште зад третиот камен од патот. Верата се качила на небото. Неуспешноста се сокрила зад сенката на триумфот, кој со свои напори успеал да дојде до врвот на највисокото дрво. Великодушноста речиси не можела да се скрие, секое место кое го наоѓала изгледало прекрасно за некој од нејзините пријатели – на пример едно кристално чисто езеро, а тоа е идеално за УБАВИНАТА. Круната на дрво – совршено место за стравот. Налетот на ветрот – прекрасно место за СЛОБОДАТА. Значи конечно великодушноста се сокрила во еден сончев зрак. Себичноста за сметка на тоа си нашла една многу добра шуплина уште од самиот почеток, воздушеста, удобна … токму како за неа. Лагата се сокрила на дното на океанот (но всушност била зад виножитото). Страста и желбата биле во центарот на вулканите. Заборавеноста и таа се беше сокрила некаде, но каде? … Не е толку важно. Кога лудилото изброило 999 999, ЉУБОВТА се уште не нашла место каде да се скрие. Се било веќе зафатено. Конечно забележала една розова грмушка и се разнежнила, па решила да се скрие меѓу нејзините цветови.
„Еден милион”, изброило лудилото и почнало да бара. Првиот, кој што се појавил била мрзата. По неа лудилото ја здогледало верата која си разговарала со Бог на небото. Страста и желбата ги почувствувале во вибрациите на вулканите. Ненамерно се открила зависта и природно можело да се заклучи каде е триумфот. Себичноста немало зошто да ја бара, таа самата излегла, очајна од своето скривалиште, кое се покажало едно гнездо на оси. Од толку обиколување лудилото почувствувало жед и, приближувајќи се до езерото, ја открило УБАВИНАТА. Со сомнежот се покажало уште полесно, бидејќи тој не бил сокриен, туку седнат на една карпа мислејќи каде да се сокрие. Така еден по еден ги пронашол сите: Талентот меѓу свежата трева, маката во една темна пештера, лагата зад виножитото (или всушност на дното на океанот!) Но само ЉУБОВТА не се појавила од ниту едно место. Лудилото ја баралало зад секое дрво, на врвовите на сите планини и токму тогаш кога веќе требало да се предаде, забележало една розова грмушка со многу розови цвеќиња. Зело една вила и почнало да ги раздвижува гранките на грмушката, но одеднаш слушнало болен крик. Боцките на розата ги повредиле очите на ЉУБОВТА. Лудилото не знаело што да направи: плачело, преколнувало, се извинувало, дури ветило дека ќе стане нејзин слуга. Оттогаш натаму ЉУБОВТА е слепа и лудило секогаш ја придружува!