КЗБ ќе предложи нов сет мерки: Забрана за работа по 23 часот, забрана на сите настани, ограничување на капацитетот во јавниот превоз

Здравствените власти и Комисијата за заразни болести ќе ја следат состојбата деновиве преку викендот и, во зависност од епидемиолошката слика, доколку нема подобрување, во понеделник ќе предложи нов сет мерки за спречување на ширење на коронавирусот, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција по состанокот на Комисијата за заразни болести.

Новиот сет ќе ги опфаќа следните мерки:

– ограничување на капацитет на патници во јавниот превоз на 50%, за разлика од актуелниот дозволен максимум од 75% исполнетост
– целосна забрана за секакви настани
– крај на работно време на сите економски оператори и субјекти во 23 часот

Како што соопшти Филипче, Владата веќе го прифатила претходниот сет мерки (носење маска/заштита и на отворено, забрането групирање на повеќе од 4 лица по 22 часот и ограничување на бројот на гости во домашни услови на максимум 4 лица) и потребните законски измени веќе се во собраниска процедура. Тој очекува Собранието да ги изгласа следната недела.

Доколку ситуацијата продолжи да ескалира, истакна министерот, стапувањето на овие два сета мерки во сила, ќе има сериозен ефект во намалување на ширење на коронавирусот.

Претседателот на Комисијата за заразни болести – д-р Жарко Караџовски, кој исто така учествуваше на прес-конференцијата, оцени дека доколку продолжи непочитувањето на мерките, се очекува само влошување на состојбата, со можни 500 до 600, па и 1000 нови случаи на ден.

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури

Сепак, прашан од новинарите, Караџовски посочи дека Комисијата за заразни болести засега не размислува за полициски час, бидејќи сѐ уште не се исцрпени сите други мерки. Меѓутоа, доколку и тие, по нивното евентуално воведување, не покажат ефект – односно не се почитуваат, на КЗБ нема да ѝ преостане ништо друго освен да побара воведување на полициски час, кој во моментов како мерка го има само Франција, потенцираше Караџовски.

Притоа посочи дека ниту Комисијата за заразни болести, ниту министерот Филипче, во ниту еден момент не дозволиле журки, концерти на познати пејачи, а уште помалку дозволиле свадби. Овде Караџовски наведе пример дека во ресторани кои недозволено организирале свадби им се делеле фискални сметки на гостите на секоја маса, за да изгледа како да се посебно дојдени, односно за да не се открие дека имало свадба. Тој апелираше до сите медиуми, партии, политички чинители и целото население, да им помогне на здравствените власти преку почитување на мерките, со цел да се спречи преполнување на болниците, но пред сѐ заради своето, здравјето на најблиските, и на крајот, целата држава и доброто на сите нас.

- Реклама -