Кузеска: СДСМ нема да поддржи референдум што е против заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и посебност во преговорите со ЕУ

„На Христијан Мицкоски што му пропаднаа сите обиди да ја закочи државата, да ја блокира европската иднина, не му успеаја крвавите сценарија за дестабилизација, му потонаа сите лаги. Со еден збор, сѐ што кажа Христијан Мицкоски излажа. Мицкоски тоне сѐ подлабоко, а со себе сака ја повлече и целата држава. Тоа СДСМ заедно со граѓаните нема да го дозволи“, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска, по повод иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум за прегораварачката рамка.

„Најавите за референдум против заклучоците на Собранието за заштита на македонскиот идентитет и против македонски јазик во ЕУ, не се ништо друго освен обична фарса на Мицкоски за внатрешна употреба во ВМРО-ДПМНЕ“, рече Кузеска.

„Граѓаните многу добро знаат дека токму ВМРО-ДПМНЕ бараше референдум и за Договорот од Преспа, а потоа истиот го бојкотираше. По налог на Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ собираа потписи и за иницијатива за референдум за пописот, па потоа се откажаа“, продолжи портпаролката на СДСМ.

Тоа што, според неа, „ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не знае какво прашање да постават пред граѓаните“, зборува дека на опозициската партија и Мицкоски не им важен ниту македонскиот јазик, ниту интересите на граѓаните, оцени Кузеска.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

„Тие имаат за цел само да направат штета на државата, да ја попречат европската интеграција заедно со проруската Левица и ништо повеќе“, рече таа.

Кузеска, алудирајќи на вчерашниот ден, додаде и дека и самите граѓани можеле да видат дека седниците на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се обична фарса каде ништо не се одлучува, туку само се потврдуваат желбите на Мицкоски.

„Мицкоски е единствен член на Извршниот комитет, а тоа го покажува и веб страната на ВМРО-ДПМНЕ. Како да живее само да го надмине својот ментор од Бидимпешта. Досега сите лаги на Мицкоски се разобличени, сите негови обиди се пропаднати, така ќе биде и овој пат“, обвини Кузеска, па се наврати на референдумот:

„Референдум против македонски јазик во ЕУ не е потребен. СДСМ нема да поддржи референдум којшто е против заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и посебност во преговорите со ЕУ“, подлече портпаролката.

- Реклама -