Курчењето убива (мажи)

GettyImages-2735305.0[1]

Значи, зборуваме буквално. Според најновата студија на универзитетот Ратгерс, мажите кои попаѓаат во заблуди за мажественоста поретко ги пријавуваат своите симптоми кај лекарите.

Сите најстари луѓе на светот се жени. Мажите во просек умираат 5 години пред жените, а поголема е и веројатноста дека ќе умрат од рак. Некои теоретизираат дека мажите се едноставно биолошки проколнати, ама истражувачите од Ратгерс сметаат дека најголемиот виновник е „она мушкото“ што те тера да мислиш, на пример, дека секоја повреда ќе помине сама од себе.

Во новата студија именувана како „Машкоста во лекарската ординација: Машкост, давање предимство на лекарот врз основа на полот и комуникација на релација лекар – пациент“, објавена во журналот „Превентивна медицина“, Мери Химелстин и Дијана Санчез решија да откријат зошто сите мажи имаат пократок животен век и се поподложни на неколку главни причинители на смрт. Надоврзувајќи се на научната литература во која жилавоста и избегнувањето на слабоста се поврзува со негативните импликации по здравјето, меѓу останатите особини кои се сметаат за машки норми, Химелстин и Санчез открија дека мажите кои се држат до традиционалните дефиниции за мажественоста и веруваат дека машкоста е „неизвесна“ т.е. може да се изгуби,  почесто бираат машки лекар, заради пристрасноста која се подразбира. Од друга страна, мажите кои се советуваат со машки лекари потешко зборуваат отворено и помалку искрено зборуваат за своето здравје, што е голем проблем за раното откривање и превентивната нега. Со други зборови, мажите што „се курчат“ и не одат на доктор кога имаат помали здравствени проблеми, затоа што сметаат дека одењето на доктор е слабост, постепено се убиваат самите себе си.

За првиот дел од студијата, истражувачите регрутирале 250 мажи кои требало да одговорат на сет прашања поврзани со нивната идеја за машкоста и мажественоста. Истите тие мажи потоа пополнувале прашалници во врска со тоа дали им е важно лекарот да е маж, и за тоа дали полот има некаква врска со медицинската стручност. Иако се покажало дека испитаниците не веруваат дека мажите се покомпетентни од жените кога е во прашање медицината, тие мажи што имале најмногу поени на „скалата на машкоста“, почесто се одлучувале за машки отколку за женски доктор.

„Дали мажите повеќе преферираат докторот да им е маж е важно само ако изборот на машкиот лекар има некаков удел врз комуникацијата на релација доктор – пациент“, велат истражувачите.

Потоа е изведен и третиот дел од експериментот, со цел да се види дали мажите ги смалуваат своите симптоми кога им ги соопштуваат на машки лекари: Химелстин и Санчез ги поделиле 250-те регрути во две групи. Едната група разговарала за своето здравје со женски испитувач во бел лабораториски мантил. Другата разговарала со машки испитувач, исто така во бел лабораториски мантил. И на едните и на другите им е речено дека испитувачите се студенти по медицина – стажисти кои сакаат да стекнат клиничко искуство. Сите учесници се замолени да го направат „тестот на машкоста“, а исто така биле и прашани за петте најчести здравствени проблеми кои ги имаат.

„Откривме дека мажите се инхибирани и непрецизни во изнесувањето на своите симптоми, кога се во интеракција со машки лекари“, вели Санчез. „Мажите со висок резултат на тестот на машкоста потешко им ги откриваат своите симптоми на стажистите“.

Во едно претходно истражување од 2014-та, Химелстин и Санчез покажаа дека верувањата на основа на полот допринесуваат за тоа мажите да избегнуваат да се грижат за својата сопствена здравствена состојба. Демонстрирано беше дека мажите кои постигнуваат повисок резултат на скалата на машкоста, поретко се одлучуваат за превентивни мерки и се склони кон тоа да го одложуваат одењето на доктор. И едната и другата студија, според Санчез, јасно покажуваат дека машкоста има голем негативен ефект по здравјето и дефинитивно игра улога во повисоката стапка на смртност кај мажите од таа кај жените.

„Бараме начини да истакнеме дека одењето на доктор е мажествен чин. Пробуваме да смислиме начини да интервенираме кај мажите кои мислат дека грижата за здравјето не се совпаѓа со тоа да се биде (прав) маж“, вели Санчез. Другата опција е потполно да се разрушат митовите за половите, но и мажите, и истражувачите знаат дека тоа е малку остварлива задача и дека полесно ќе биде ова првото – да се смени перцепцијата кон одењето на доктор.

- Реклама -