Маж ѝ на 57-годишната Гленда Блеквел од Северна Каролина во САД, постојано трошел пари на лото. А пари баш и немале.
Чашата прелила кога во саботата, сопругот ја замолил да му купи неколку лото ливчиња за претстојното извлекување. На Гленда ѝ пукнал филмот, па наместо ливчиња, решила да ги фукне сите 10 долари на грепка. Целта ѝ било единствено да му докаже дека и лото, и грепки, и секаква лотарија – сé тоа е само фрлање пари.
Ама Господ/универзумот кога гледа, обично сака да прави заебанции, па „проклетата“ грепка излегува добитна, и тоа на 1 милион долари.
„Само сакав да купам грепка колку да му покажам дека никогаш не се добитни. Понекогаш сум му многу лута и го карам дека само ги троши парите“, изјави Гленда за Си Ен Ен. „Морав да си ги голтнам зборовите, ама вредеше“.
Сега, со парите, Блеквел ќе купат нова куќа, ќе ја помогнат ќерка им, а ќе обезбедат и пари за школување на внуците.
Притоа, Гленда можеби ја откри најголемата тајна на лотаријата: можеби наместо да го купуваш ливчето полн со надеж, треба малку да го попцуеш.