„Во мое време“, некако повеќе сакавме цицки. Се сеќавате, лудилото со силикони така и почна, за поголеми цицки. Тогаш немаше липосукции, зголемување на усни и слични процедури (веројатно грешам, ама барем не беа популарни). Денес е друго време.
Ако се прашувате кое е идеалното тело што современите жени сакаат да го имаат, сé што треба е да ја погледнете статистиката од клиниките за пластична хирургија. Според податоците од Американската асоцијација на пластични хирурзи, во 2015-та, услугата која постигна најголем раст на побарувачката е „имплант на задникот“. Операциите со газови полнети со силикони се зголемија за 252% во споредба со претходната година. Според Здружението, во текот на 2015-та година, во САД, нов случај – кога овој или оној пластичен хирург работел на импланти или лифтинг на задникот – имало на секои 30 минути.
Од друга страна, статистиката наведува дека додека имплантите и лифтингот на газ уживаат исклучителен интерес, постапките поврзани со торакални (на градите) импланти или операции, почнуваат да се намалуваат. Падот од претходната година е приближно 2%.
Фокусот на тоа да имаш убав задник не е нов, но дефинитивно се зацементира на првото место меѓу најпосакуваните процедури за убавина во последните неколку години. Главниот бум, пак, на манијата по големи газови се случи во 2014-та година, кога серија познати жени (Ники Минаж беше првата, мислам, појма неам) изјавија колку многу се гордеат со големите задници што им ги подарила природата. И како што најчесто се случува при постојано променливите стандарди за убавина, идеализирањето на округлите, големи газови најмногу ги инспирираше баш оние жени што природно ги немаа.
А рекламирањето и маркетингот не задоцнија да го искористат новиот тренд. Модата ја предводеше брендот Livi’s, со агресивната реклама за нивниот модел фармерки што го потенцира големиот задник – wedgie, кои ги носи американската телевизиска реалити ѕвезда и модел – Кајли Џенер.
Ама новиот идеал за совршена форма на женското тело не поминува само со голем задник. Неопходна е и се бара и многу тенка половина. Па така, ете ги тука и другите кои брзаа да ги искористат предностите на новите текови, а тоа се, се разбира – индустриите поврзани со фитнесот и здравјето. Интересот за фитнес вежбите кои го стегнуваат задникот и работат кон потенка половина, предвидливо, исто така бележи пораст.
Во меѓувреме, од чисто американска мода, култот кон задникот постепено се пренесува во Европа. На крајот на 2015-та, група пластични хирурзи од Британија соопштија дека во тек е зголемување на интересот за она што тие го нарекуваат „Даш ефект”. Тие што читаат или работат по портали, нема шанси да згрешат – „Даш“ доаѓа од Кардашијан.
Ефектот се состои од тоа што специјалните пластични процедури, кои постојат со години, одеднаш добија голема популарност и станаа исклучително профитабилни за хирурзите: како на пример т.н. „бразилски лифтинг на задникот“. Еден од водечките хирурзи во Мајами, д-р Мајкл Салцхауер, дури изјави и дека иделизирањето на големиот газ е директна последица од влијанието на Ким Кардашијан, а дополнителен фактор кој го помага е и Instagram, бидејќи фотографиите, кои моделите ги споделуваат со купиштата следбеници, најчесто се сликани токму од грб и главното внимание е посветено на задникот. Дали повеќе го помагаат трендот или се само водени од истиот, не наведува, но очигледно е дека сето тоа функционира и во двете насоки.
Во меѓувреме, заглавени помеѓу желбата да ја имитираат Ким Кардашијан и нејзината лесна слава, од една, и бујните задници на моделите кои се сликаат на Instagram, од друга страна, сé повеќе млади и не баш млади жени се изложени на новиот моден притисок. Извесно е дека во годините што следат, тој тренд дополнително ќе се засилува, но извесно е и дека тоа е само уште еден тренд, уште едно чудо за три дена, кое за некоја година ќе почне да избледува како што сега почнува да избледува трендот на силиконски цицки. Во тоа ќе помогне и морето празноглави старлети кои ќе ги пумпаат газовите до степен да ни се згади, а во меѓувреме може ќе се појави некоја нова риалити ѕвезда со три раце и ќе почне нов тренд што овие ќе ги остави седнати на џиновските силиконски перници со насолзени очи, носталгични за времето кога тие беа алфа и омега.