Известувачот во Европскиот парламент за земјава – Илхан Ќучук, побара официјално одложување на гласањето за извештајот во ЕП, што беше закажано за крајот на јуни, соопштија од прес-службата на Ќучук.
„Убеден сум дека претстојниот период пред гласањето на извештајот ќе биде сериозен тест за политичката елита во Северна Македонија и ќе ја измери подготвеноста на земјата да продолжи по патот на европската интеграција, преку спроведување на неопходните уставни измени. Во спротивно, критичарите кои не веруваат во европските аспирации на Северна Македонија, може да излезат дека се во право. И во двете опции, Европскиот парламент ќе има јасна линија по која ќе го гласа извештајот со големо мнозинство наесен“, рече Ќучук.
Според него, одложувањето на гласањето ќе помогне за постигнување конструктивен дијалог и во комисијата за надворешни работи на ЕП ќе придонесе за зацврстување на довербата меѓу Македонија и Бугарија, кои, како што вели, се земји кои имаат заедничка иднина и стремеж во европското семејство.
Извор: МИА