КСС: Новите Ковид-мерки ги кршат основните човекови права, ќе ги искористиме сите синдикални мерки за да не се применуваат

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) реагира на најновите мерки за вработените во јавниот сектор што ги предлага Комисијата за заразни болести. Со предложените мерки, според КСС, се кршат основните човекови права и се бара Владата да размисли пред да ги донесе.

„Вакцинирањето треба да е личен избор, а не да се наметнува со мерки, како што тоа сака да го наметне Комисијата за заразни болести на чело со министерот за здравство Венко Филипче. Предлогот на Комисијата трошоците за ПЦР тестовите да бидат на трошок на вработените, за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80.000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која не е доволна да се преживее во текот на месецот. Недозволиво е на осиромашените работници да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа да се прекршуваат и нивните човекови права“, наведува КСС во реакцијата.

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури

Доколку бидат прифатени предложените мерки, КСС најавува дека ќе ги искористи сите синдикални мерки што ѝ се на располагање за да не се применуваат.

Комисијата за заразни болести денеска одлучи да ѝ предложи на Владата нови мерки со кои сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работа ќе треба да приложат потврда за примена најмалку една примена вакцина, негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде направен на сопствен трошок, потврда за прележан Ковид не постар од 45 дена или потврда од лекар специјалист дека не можат да примат вакцина поради ретки имунолошки состојби.

МИА

- Реклама -