Нема автомобили на паркингот на финското училиште “Хиденкиви”. Повеќето ученици одат во училиште пеш или со велосипед. Во училниците се распоредени по четири ученици во клупа, „со мешан потенцијал“. Секој има право на избор што да учи и каде; многу избираат да учат потпрени на ѕидот во ходникот. Тестовите и испитите се реткост. Храната е бесплатна. Најмалите деца се прибираат дома напладне, со малку домашна или воопшто без домашна…
Десетици илјади училишта имплементираа слични методи од 2000-тата па наваму, откако Финска се покажа како лидер на скалата на јазични вештини, математика и природни науки, при тестирањата спроведени од Програмата за меѓународна оценка на знаењето на учениците (Programme for International Student Assessment – PISA) – високо реномиран тест кој се одржува на 3 години меѓу 15-годишните деца во околу 60 држави.
Тинејџерите традиционално покажуваат повисоки резултати само во Јапонија, Сингапур, Јужна Кореја и најбогатите делови на Кина. За разлика од овие земји, за Финска се тврди дека успеала да најде начин за совладување на наставата без да ги преоптоварува децата и да ги претвора во машини за бубање.
Паси Салберг, поранешен висок службеник во Министерството за просвета и образование, вели дека Финска се држи настрана од глобалното движење за образовни реформи (Global Education Reform Movement или “GERM”) – синоним кој кај некои предизвикува презир, бидејќи се однесува на оние кои повикуваат на конкуренција помеѓу училиштата, стандардизирани тестови, стегнатост на наставниците и фокусирање на основните познавања. Слични ставови преовладуваат во многу од американските (најмногу во приватните) училишта, како и во британскиот образовен систем. Финскиот модел, пак, е претпочитан во Шкотска, Шведска и од бранителите на јавното образование во САД.
Сепак, и во самата Финска експертите за образовни програми се загрижени. Резултатите од PISA опаднаа во 2009 и 2012 (следните резултати ќе бидат објавени во декември). Податоците покажуваат дека падот е започнат некаде околу почетокот на векот. Генерално, децата на иселениците даваат слаби резултати, но и оценките на самите Финци исто така се влошени. Проблемот е најголем меѓу девојките од домаќинствата кои не зборуваат фински, и кај момчињата Финци: едно на секои осум 15-годишни момчиња не знае да чита на доволно добро ниво за да продолжи да учи.
Има и друг проблем: кога финските деца се во училиште, тие се изненадувачки мрачни. Околу половина од 14 и 15-годишните момчиња велат дека професорите не се заинтересирани за нивниот живот. Финските ученици се и повеќе склони да речат дека школската средина не помага за подобро искористување на знаењето – во споредба со просечните ученици од земјите од ОЕЦД. Според Туомас Курти – народниот правобранител по детски прашања во земјата, вели дека 20-25% од финските девојки на возраст меѓу 14 и 15 години добиваат помош од училишни педагози и воспитувачи – уште еден аргумент дека финското образование е во криза.
Салберг е загрижен дека финската едукација ја повторува грешката на Nokia: недостаток на иновации во ситуација кога си на лидерската позиција.
„Писменоста традиционално отсекогаш се ценела“, вели Сирку Купијаинен од Хелсиншкиот универзитет. Пред околу 50 години, Лутеранската црква дури не ни дозволуваше брак меѓу Финци што не знаат да читаат. А сепак, помеѓу 2000 и 2009 година, процентот на 15-годишници кои посветуваат повеќе од 30 минути дневно за читање, е намален од 50% – на една третина. Наставниците генерално го гледаат проблемот кај неодоливата привлечност на смартфоните.
„Финска не е единствената која се соочува со промени во младинската култура“, забележува Тим Оутс од компанијата за тестови и тестирање Cambridge Assessment. Некои држави, како Англија, одговараат на предизвикот со тоа што ја затегнуваат дисциплината. Но Финска, наместо да „оди со текот“, се одлучува за деликатниот „воден од децата” пристап. Така, во август, во 313 општини ќе се воведуваат сопствени верзии на нова национална образовна програма, која има за цел да го врати „задоволството и смислата во учењето”.
Тоа значи повеќе уметности, музика и “учење базирано на феномени” т.е. тимски проекти кои комбинираат различни предмети. Во Хиденкиви, на пример, планираат наставен модул за потеклото на Земјата, комбинирајќи го “Биг Бенгот” со часови по религија и финска поезија.
Финландизација на училиштата
Скептиците имаат две основни стравувања. Првото е нееднаквоста. Разликата меѓу богатите и сиромашните ученици во Финска е помала од онаа во земјите од ОЕЦД, но денес е значително зголемена од 2000-та година. Курти вели дека богатите родители изнајмуваат станови во близина на најдобрите училишта и ги запишуваат децата за конкурентни часови по музика, за да го измамат системот. Критичарите на “учењето базирано на феномени“ коментираат дека тоа ја влошува ситуацијата, бидејќи го ограничува времето што посиромашните деца го поминуваат во учење на основните предмети.
Противниците исто така истакнуваат и дека новата образовна програма го поткопува она што според нив доведе до досегашниот успех на Финска: специфичната комбинација на култура, историја и традиционално образование.
Габриел Хелер Салгрен од експертската група “Центар за истражување на пазарните реформи во образованието”, пак, смета дека главното прашање е што доведе до подемот на финските образовни институции помеѓу 1965 и 2000 година, а не она што се случува во училиштата во моментов.
Некои од силните страни на Финска е тешко да се репродуцираат на друго место
Наставниците таму имаат исклучително висок социјален статус (само лекарите се поценети од нив). Тоа во голем дел произлегува од нивната улога во опстојувањето на финската култура за време на руските репресии во XIX век. Финска се индустријализираше подоцна од другите северни држави и започна со масовна едукација дури во 60-тите години. Според Купијаинен, тоа значи дека родителите на “PISA генерацијата” се генерација со голема мобилност и генерација што на своите деца им ја пренесе својата вера во силата на образованието. Помладите родители, за споредба, не сметаат дека нивните деца ја имаат наследено нивната ревност кон учењето.
Заштитниците на реформите, од друга страна, инсистираат дека и политиката има значење за подемот на Финска. Тие ја истакнуваат поддршката што им беше доделувана на тие што заостануваа, како и сложените подготовки и обуки на наставниците.
Самите Финци, не се којзнае колку заинтересирани да останат на чело на PISA листите, како што мислат странците. На крај краева, Финска продолжува да дава добри резултати, иако не се толку добри како порано.
Во меѓувреме, и бранителите, и противниците на новата наставна програма се согласуваат во едно: желбата на децата да бидат успешни во училиште е намалена.
„Пред десет години образованието исклучително се ценеше меѓу сите Финци”, вели Илпо Кививуори, заменик-директор во Хиденкиви. “Сега не е толку јасно дали е така”. А нејасно останува и дали реформите ќе предизвикаат пресврт кон подобро.