Единицата за безбедност на патниот сообраќај до Основното јавно обвинителство Скопје, поднела кривична пријава против Ј.Б.(38) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста во сообраќајот“ по член 297 од Кривичниот законик, информираше МВР.
Пријавениот, на 07.02.2022 околу 19.15 часот, управувајќи патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки на бул. „Св.Климент Охридски“ во Скопје, не застанал на вклучено црвено светло на семафор и кога навлегол во крстосницата со бул Илинден удрил во патничко возило „киа“, управувано од А.Т.(36) од Скопје, кое од ударот го променило правецот и удрило во патничко возило „фиат“, управувано од Д.П.(45) од Скопје, се вели во соопштението.
Се работи, всушност, за шоферот на владиното возило во кое пред два дена се превезуваа министрите Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, а кое учествуваше во (и според извештајот на МВР, ја предизвикало) сообраќајката пред зградата на Владата.
Во несреќата, со повреди се здобиле Ј.Б. и сопатникот од патничкото возило „шкода“, Б.Љ.(35) од Скопје, кои со возило на Итна медицинска помош се пренесни во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, додаваат од МВР.