Вработени во Управниот суд во Скопје поднеле кривична пријава против првиот човек на овој суд – Бурим Сејдини поради сомнение за злоупотреба на службената должност, објави Алсат.
Кривичната пријава, како што е објавено, е испратена до Финансиската полиција, Комисијата за спречување на корупцијата, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.
Содржината на пријавата првенствено вклучува сомневања за рачна распределба на предметите, иако Сејдини бил должен тоа да го прави преку електронскиот АКМИС систем. Според анонимните пријави од вработени, Сејдини неодамна вработил две лица во судот спротивно на законот – мајка и ќерка, при што, според пријавата, има конфликт на интереси.
Пријавата, како што објавува Алсат, содржи и тврдење за намерно застарување на над 190 предмети од 2021 до 2023 година, главно финансиски предмети од Царината и од Управата за јавни приходи.
На прес-конференција, Сејдини ги демантираше овие обвинувања.
„Во Управниот суд немало, нема и нема да има рачна распределба на судски предмети додека јас раководам, односно распределбата била и ќе биде единствено преку АКМИС системот и согласно судскиот деловник кој ја уредува распределбата на предметите. Следствено, сѐ останато е на шпекулативно ниво и со индикација ги отфрлам ваквите ситуации“, изјави претседателот на Управниот суд.
Според него, анонимноста на пријавите „непромислено упатува“ на фактот дека покрај негова лична дискредитација, се работи за обиди за нарушување и на институционалниот капацитет и интегритет на судот.
„Најодговорно тврдам дека ништо од тоа не е точно. Ниту рачна распределба на предмети, ниту пак 190 застарени предмети. Стојам на располагање, да видите или побарате официјална информација да Ви доставиме дека нема застарени предмети од областа на даноците, царините и сличните предмети, каде што државата преку јавните органи утврдува обврски кон нашите граѓани“, рече Сејдини.
Приливот на предмети во Управниот суд е околу шест илјади годишно, нагласи Сејдини, додавајќи дека во изминатите пет години, додека тој раководи, Судот сѐ совладува и секогаш е оценуван како ажурен.
„Верувам во довербата на граѓаните кон Управниот суд и кон целото судство, затоа што само со доверба и со верба секое утро дека ќе успееме да им служиме најдобро на нашите граѓани“, изјави Сејдини.
Во однос на „шпекулациите“ за застареност на предмети, како што ги нарече, тој нагласи дека ниту тој, ниту пак електронскиот систем располагаат со податоци кога одреден предмет ќе добие третман на застарен даночен или царински долг, за истите да би биле предмет на манипулација од било која страна.
„Во областа на даноците и царините работат 18 колеги. Верувајте, они раководат со движењето на предметите и со решавање на предметите, така што никој нормален нема да го дозволи тоа, а не пак судии кои макотрпно се трудат да обезбедат правда во оваа држава“, нагласи Сејдини.
Освен прекршоците, кои што застаруваат согласно Законот за прекршоци, ретки се случаите на застареност во поглед на даноците и царините, а тоа е кога е веќе изминат апсолутниот рок на застареност од десет години, тврди тој.
За наводната штета од милион евра нанесена од негова страна, Сејдини рече дека остава да цени јавноста, нагласувајќи дека Управниот суд е сериозна институција и ќе продолжи да работи совесно, траснпарентно и единствено согласно закон.
„Шпекулациите за наводно причинета штета од моја страна од милион евра, наведени во прилогот, за кој во истиот наведуваат дека не се утврдени од Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупција, оставам да цени самата јавност и на совеста на тие што го приредуваат ова шоу“, изјави Сејдини.
За содржината на претставката, Сејдини рече дека не е запознаен и дека е затечен од тоа што го чул во јавноста.
„Ќе ми беше драго да ги имав кривичните пријави пред мене, односно да бев запознаен, за да можам без и воопшто да овозможиме облевање на јавниот дискурс со неточни сознанија да одговорам“, рече Сејдини.
Анонимноста на пријавата, според него, не соодветствува со тврдењето дека е поднесена од вработени од Уставниот суд.
„Баш би сакал да знам ако е од вработените во овој суд, тогаш сериозно треба да се преиспитам себе си, односно мојата работа, затоа што при преземање на должноста претседател на Управниот суд затекнав 80 вработени, со сѐ судиите, денеска таа бројка е 130“, рече тој, оценувајќи дека не е можно да го пријавиле вработени бидејќи тој лично се гордее со нив и нивната заложба и грижа што ја покажале при преселбата на судот во новите простории.
Прашан за предметот што Антикорупциска го оформила за него, Сејдини одговори дека тоа е вообичаена пракса.
„Посакувам успешна работа на колегите од ДКСК. Најверојатно после овој прес, кој што е редок во судството, ќе има понатамошни ситуации, ќе се обидам да Ве информирам за сѐ преку соопштенија“, додаде тој.
Прашан за обвинувањата за семејни вработувања, Сејдини рече дека сите вработувања се согласно закон.
Извор/Фото/Видео: МИА