Поминаа 4 години откако Крис Браун брутално ја претепа Ријана, која тогаш мораше да биде хоспитализирана.
„Мудар сум и можам да поднесам омраза, но премногу е. И јас сум човек како и секој друг и јас заслужувам почит“, изјавил 23-годишниот Браун, додавајќи дека и денес, 4 години по инцидентот, сеуште минува низ пекол. Дополнително го повредуваат анонимните коментари на интернет со навредлива содржина, како и озборувањата од познаниците позади неговиот грб.
„Не може со зборови да се опише колку сум тажен и колку ми е жал поради тоа што се случи. Секојдневно барам утеха кај мојот свештеник, мојата мајка и моите сакани и одлучен сум од ова да излезам како подобар човек“, пишувало во неговото официјално соопштение после инцидентот, објавено во 2009-та година.
Од тогаш до сега многу нешта се променија. Од судски спорови и забрана за приближување до дружење и смирување. Денес Ријана и Крис повторно се заедно. Иако беше жртва на неговиот насилнички и импулсивен карактер, Рири во интервјуто за „Rolling Stones“ застана во негова одбрана.
„Се цениме еден со друг. Знаеме што имаме и не сакаме тоа да го изгубиме. Направи грешка и го плати долгот. Премногу го плати. И сигурна сум дека не би сакал да се врати никогаш во таа фаза. Понекогаш на луѓето им е потребна подршка и охрабрување, наместо критики и исмевање“, изјавила Ријана.