Кремљ со реакција на украинскиот дрон кај нуклеарката Курск: Киев си игра со оган

Кремљ денеска ја обвини Украина дека „си игра со оган“, откако еден ден претходно руските сили пријавија пресретнување на украинско беспилотно летало во близина на нуклеарната централа Курск, а медиумите објавија дека избувнал пожар на неколку километри.

-Киев продолжува да си игра со оган и, се разбира, за тоа ќе ги предупредиме претставниците на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Хеорхиј Тихји ги негира информациите дека украинските сили отвориле оган врз нуклеарната централа или дека дејствувале во нејзина близина.

Украинските сили на 6 август во молскавична воена операција извршија инвазија врз руска територија во Курскиот регион и се уште се таму.

Напната е ситуацијата и во нуклеарната централа Запорожје, во јужна Украина, која е под контрола на руските сили. Еден вработен во Запорожје утрово загина во напад со автомобил-бомба во близина на нуклеарниот објект, а руските истражители нападот го препишуваат на Украина.

Прочитајте и:  Меркел: Ако Украина зачекореше кон НАТО во 2008, војната ќе започнеше тогаш и немаше да биде подготвена

Руското истражно тело кое се занимава со тешки кривични дела објави дека вработениот Андреј Коротки бил убиен откако во неговиот автомобил била поставена детонирана бомба пред куќа во Енерходар, каде што се наоѓа нуклеарната централа.

Коротки работеше на осигурувањето на нуклеарната централа, а во врска со неговата смрт беше отворена кривична постапка. Раководството на нуклеарната централа во Запорожје ја обвини Украина за неговата смрт.

Засега нема коментари од украинска страна.

Руските сили ја зазедоа централата Запорожје, најголемата европска нуклеарна централа со шест реактори, непосредно по инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

- Реклама -