Кремљ за драмата во Белгород: Украина го свртува вниманието од губењето на Бахмут

Обидот на украинската диверзантска група да влезе во регионот на Белгород е акција со која официјален Киев се обидува да ја минимизира политичката штета од загубата на Бахмут, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој кажа дека рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за ситуацијата во регионот и потврдил дека во регионот на Белгород се работи на протерување на саботерите од руска територија и нивно уништување, пренесува Тасс.

Гувернерот на рускиот регион Белгород, Вјачеслав Гладков, денеска соопшти дека „диверзантска група“ на украинската армија навлегла на територија на Русија во округот Гаиворон. На социјалните мрежи претходно беше објавена снимка од украински тенк како напаѓа руска караула, но автентичноста не е потврдена. Гладков увери дека руската армија и безбедносните сили преземаат мерки за одбивање на нападот.

Во меѓувреме, украинскиот портал „Хромадске“ објави дека според украинската воена разузнавачка служба, зад вооружената операција во областа Белгород стојат „опозициски настроените граѓани на Русија“, членови на две паравоени групи. Како што изјавил портпаролот на украинската воена разузнавачка служба, Андриј Јусов, се работи за „Руската легија на слободата“ и „Рускиот волонтерски корпус“.

Прочитајте и:  Остин: Употребата на американско оружје за извршување удари со долг дострел во Русија нема значително да ја промени ситуацијата во Украина

„Мислам дека сите можеме да ги поздравиме одлучните акции на опозициски настроените руски граѓани, кои се подготвени за вооружена борба против криминалниот режим на (претседателот) Владимир Путин“, истакнал Јусов, додавајќи дека операцијата во Белгород ќе создаде „безбедносна зона“ за заштита на Украинците од прекугранични напади на Русија.

Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаил Подољак, пак, изјави дека Украина нема никаква врска со диверзантската операција.

„Украина со интерес ги следи настаните во Белгородската област во Русија и ја проучува ситуацијата, но таа нема никаква врска со операцијата. Како што знаете, тенкови се продаваат во која било продавница за воена опрема во Русија, а герилските групи се составени од руски државјани“, напиша Подољак на Твитер.

Извор: МИА

- Реклама -