Креативни идеи за украсување на велигденските јајца

Не само што е најголем христијански празник, Велигден е ден кога може да ја покажете вашата креативност во најголема мера. Играјте со бои, креирајте форми и направете ги вашите велигденски јајца уникатни и интересни како никогаш досега. Ние само ќе ви дадеме некои идеи за да ја поттикнеме вашата креативност, останатото е во ваши раце, забавувајте се!

1. Акварел јајца

Земете темперни или водени бои и обојте ги јајцата по ваша желба. Потоа со фломастери нацртајте најразлични весели фигури и дизајни. Доколку имате малечки дечиња, дајте им ја нив оваа задача. Не само што ќе ги израдувате, туку и ќе ви бидат од помош.

2. Омбре јајца

Омбре стилот стана многу популарен, во облеката, фризурите, ноктите, па зошто да не и на велигденската трпеза? Целата постапка е многу едноставна. Додека ги вапсувате јајцата, чувајте ги различен период во бојата за вапсување. Колку подолго стојат толку поинтензивна ќе биде бојата. Потоа во вашата кошничка наредете ги велигденските јајца по нијанси.

3. Г-дин Јајце

Сте го запознале господинот Јајце? Тој ќе ја разигра вашата велигденска трпеза и ќе ги расположи членовите на вашето семејство, особено најмладите. На јајцата нацртајте им лице, секако не смеете да ги заборавите мустаќите. Сместете го господинот Јајце во чашка за јајце која претходно ќе ја украсите со самолеплива хартија. Направете му и капа од листови во боја, „дотерајте“ го по ваша желба.

4. Велигденска радост

Откако ќе ги бојадисате јајцата оставете ги добро да се исушат. Потоа со помош на четка за сликање, на повеќе места на јајцето направете неколку точки во облик на цвет. Употребете различни бои за да биде вашата декорација уште поинтересна, а по можност користете темпера. Потоа залепете монистра во центарот на секое цветче. Не запирајте само на овој дизајн, останатите јајца украсете ги поинаку. Од бела самолеплива хартија, исечете различни форми и залепете ги на јајцата. Потоа залепете монистра во средина на двете страни. Уште подобро доколку имате монистра во различни бои.

5. Светки и шаренила

Нанесете лепило по површината на јајцето, потоа извалкајте го во шарени светки. Толку лесна постапка, а толку уникатен изглед на вашите велигденски јајца.

6. Шаренковци

Купете конци во најразлични бои и замотајте ги јајцата во нив. Бидете слободни да играте со боите и дезените по ваша желба.

7. Ботанички дизајн

Залепете суви листови и малечки цветови на јајцата. Потоа замотајте ги во парчиња тенок текстил, па во лушпи од кромид и оставете ги да се варат.

Самите лушпи ќе им дадат боја на јајцата, па така тие ќе добијат боја на ќерамида. Потоа отстранете ги листовите и цветовите и уживајте во декорациите кои ги добивте како резултат на вашата работа. За поинтензивна боја, препорачливо е лушпите од кромидот да ги оставите во ладна вода неколку минути пред да почнете со постапката.

Исто така, лушпите од кромидот може да ги искористите додека ги вапсувате јајцата со црвена боја, бидејќи со нивна помош ќе добиете уште поинтензивна црвена боја.

8. Декорација со семе од растенија

На јајцата залепете семе од растенија, како леќа, ориз, пченица… Може да залепите и малечки тестенини. Дозволено е сè што е ситно и што ќе направи јајцата за овој Велигден да изгледаат што пооригинално.

9. Јајца со дизајн на вратоврски

Исечете ги материјалите, замотајте ги јајцата во нив и цврсто врзете ги на краевите. Оставете ги да се варат во вода каде претходно ќе додадете оцет. Дезените на вратовтските ќе се ископираат на јајцата правејќи ги навистина уникатни. Не заборавајте, доколку ја одберете оваа декорација, ви требаат стари вратоврски и дозвола од вашиот сопруг или татко. Не сакаме кавги пред Велигден.

10. „Облечени“ јајца

Кога сме веќе кај искористување на старите материјали низ дома, за оваа постапка може да ви послужи секој материјал со отвори, како на пример чипката или везените материјали. Облечете ги јајцата и зашијте ги на краевите. Додадете им панделки или нешто друго по ваш избор.

Овие идеи не ви беа доволни? Погледнете уште интересни идеи за украсување велигденски јајца. Не заборавајте да ни се пофалите колку добри излегле вашите велигденски декорации.

- Реклама -