Кратко-долгите фустани и здолништа (на англиски познати и како mullet) се тренди асиметрични парчиња што се провлекуваат меѓу модните зависници веќе неколку сезони по ред. Станува збор за фустан кој е краток од предна страна, со должина над колена, а на задната има долга опашка.
Кратко-долгите фустани најчесто доаѓаат во модели со висок струк, а истото важи и за здолништата од овој стил. Најчесто се работени од свила, тантела или некој сличен лелеав материјал, со оглед на тоа што нивниот крој бара тие да паѓаат целосно слободно или лелеаво, без да ја следат природната линија на телото. Ги има во огромен број варијанти кога се боите и шарите во прашање, од едноставни еднобојни варијанти, до модели со разни цветни или животински принтови.
Идеалната опција за кога се двоумите дали да одберете мини или макси варијанта на облека, добро се комбинира со повеќето летни парталчиња од вашиот плакар. Фустаните носете ги со римјанки, балетанки сако и голема чанта, а здолништата комбинирајте ги со тенки кошули или широки маички, но секогаш носете ги внатре во здолништето за да го нагласите струкот.
За дневна варијанта фустанот или здолништето во јаки бои носете ги со смели модни додатоци, како впечатливо ланче и необична чанта, а струкот нагласете го со неутрален колан. Во вечерните пригоди, направете моќна комбинација што ќе вклучува многу боја и сјај. Одберете нагласен накит и плик-чанта, а изгледот смирете го со еднобојни, неутрални сандали на високи потпетици.