Коѕијас за преговорите за името и една вечер во Виена: Понекогаш е подобро без медијатор

Зборувајќи за ескалацијата на односите меѓу Грција и Турција, поранешниот грчки министер за надворешни работи на нашиот јужен сосед, посочуван и како архитект на Преспанскиот договор – Никос Коѕијас, во интервју за „Еурактив“, се осврна и на преговорите меѓу Грција со Македонија кои му претходеа на договорот во Нивици со кој државава се согласи на промена на Уставот и државното име.

Грција и Северна Македонија постигнаа договор бидејќи успејаа да изградат доверба преку директни контакти, со само ограничено присуство на медијатори, смета Коѕијас, според кого тоа треба да е лекција и за преговорите меѓу Атина и Анкара.

„Присуството на медијатор во одредени моменти кога тој добро ја познава тематиката е неопходно, но не и низ целиот тек на преговорите“, вели Коѕијас, додавајќи дека „екстремно благородниот и ефикасен“ медијатор на Обединетите нации во спорот меѓу нашите две држави – Метју Нимиц, не бил присутен на две-третини од преговорите (макар што Преспанскиот беше потпишан на денот на неговиот роденден н.з.).

„Медијаторот понекогаш ги прави нештата потешки“, порачува тој во интервјуто, појаснувајќи дека кога две страни преговараат преку трета, двете постојано се трудат да го убедат медијаторот, притоа само дополнително цементирајќи ги своите позиции. Од друга страна, кога две страни преговараат директно, тие се многу поконкретни: „Двете страни ги истакнуваат нивните главни проблеми и потоа бараат начин дали можат да ги стават во позитивен пакет и за двете страни“.

„Кога секогаш го имате медијаторот пред вас, условите за доверба не се создадени. Не го гледате другиот, не зборувате опуштено навечер“, објаснува поранешниот шеф на грчката дипломатија, навраќајќи се на една таква плодна вечер во Виена:

Нападите врз него и неговото семејство, заканите по живот, како и нападите врз неговиот тогашен колега од Северна Македонија – Никола Димитров, им помогнале на двете страни да согледаат што се случува, вели Коѕијас. И во Грција и во поранешната Југословенска република, имаше многу противници на било каков билатерален договор, посочува „Еурактив“ во текстот, чиј автор е исто така Грк.

Прочитајте и:  Мицотакис: Меѓународните договори мора да се почитуваат и имплементираат целосно и со добра волја

„Една вечер во Виена седнавме да разговараме околу оние кои нѐ напаѓаа. Сфативме дека проблемот не се Северномакедонците наспроти Грците, туку меѓу оние кои не сакаат решение (таканаречените професионалци за нерешение) и оние кои се обидуваат да се приближат кон логиката на доброто решение“, вели Коѕијас.

Како што потсетува „Еурактив“, во меѓувреме тој издаде и книга на темата „Логиката на решението“, каде истакнува дека во преговори, учесникот не треба да се бори, туку да ѝ докаже на другата страна дека има заеднички интерес за продуктивно и креативно решение.

Тоа, во интервјуто, Коѕијас го пресликува и на односите со Турција. Според него не е добро да се преговара преку трета страна која има свои сопствени интереси и перцепција, алудирајќи на вклучувањето на Германија како медијатор меѓу двете држави, со цел да се намалат тензиите. Според него, тоа било грешка:

„Наместо да се трудите да го разберете и решите проблемот со Турција, вие завршувате обидувајќи се да му влијаете на Берлин или да го убедите да не биде про-Турција. Накратко, преговорите не водат никаде“, вели поранешниот министер за надворешни работи на Грција.

Во интервјуто, тој го начна и спорот меѓу државава и Бугарија, силно критикувајќи ја бугарската позиција, а особено политиката на заменикот на Борисов – Красимир Каракачанов (прочитајте ТУКА).

- Реклама -