Коѕијас открива: Атина го предупредила Европскиот совет за големобугарските мечти на Каракачанов

Тонот на Бугарија во односот кон Северна Македонија, пред сѐ во блокадата на нејзиниот пат кон ЕУ, го диктира крајнодесничарската ВМРО (БНД) во коалициската влада предводена од министерот за одбрана Красимир Каракачанов, оценува поранешниот шеф на грчката дипломатија – Никос Коѕијас, во интервју за „Еурактив“.

Тој вели дека Атина го предупредила Европскиот совет дека Каракачанов води политика што е надвор од ЕУ рамката уште кога бугарското претседателство со ЕУ, во градината на Национален дворец на културата во Софија, поставило статуа на лав кој држел штит со карта од Сан Стефано, која ја прикажува „Голема Бугарија“.

„Бугарија сѐ уште не сфатила дека имаше раѓање на нова нација во Северна Македонија, која има свој јазик. Наместо почитување и придонесување за мирот и пријателството на луѓето во регионот, Бугарија се однесува на дестабилизирачки начин, преправајќи се дека е Херкулес без мускули“, вели Коѕијас во интервјуто.

* * *

ПС. На фотографијата, која своевремено беше хит во Бугарија, се прикажани Каракачанов и неговиот сопартиец – европратеникот Ангел Џамбаски, на првиот „Национален комитски собор“ во Русе, Бугарија, во организација на ВМРО-БНД, во 2018 година. Такви чествувања, според „24 часа“, се одржуваат од 2009 година, а овој во 2018-та беше втор од таков размер, на кој учествуваа повеќе од 100 „чети“ од цела Бугарија. „Бугарите се еден од најстарите народи на Балканот и имаат долг да ги чуваат традициите и аманетите“ од нивните предци, изјави тогаш Каракачанов.

- Реклама -