Коѕијас се релаксира на остров и пишува книга за Преспанскиот договор, Сириза е загрижена

Поранешниот шеф на грчката дипломатија – Никос Коѕијас, веќе со недели е во својата викендичка на островот Алонисос и пишува книга за Преспанскиот договор, кој заедно со македонскиот министер за надворешни – Никола Димитров, на 17 јуни 2018-та, го потпиша во Нивици. Коѕијас уште лани откри дека планира да напише осум книги што се однесуваат на грчката надворешна политика, а еден том, рече, планира да биде посветен на „ПЈРМ, односно Северна Македонија“.

Како што пренесува грчкиот портал „Newsbeast“, Сириза на Ципрас со нервоза го очекува издавањето на книгата, кое најверојатно прво ќе се случи на англиски, па потоа и на грчки. Сириза се плаши дека книгата ќе открие детали за конкретни дискусии, документи, па и заткулисни средби кои се случиле во Грција и надвор од нејзините граници, кои довеле до „меѓунационалното помирување“ со Република Северна Македонија на почетокот на летото 2018-та. Меѓутоа, она што најмногу ја загрижува партијата на Ципрас е дека книгата може да изнесе на виделина и настани што можат дури да ја загрозат и националната безбедност, пишува порталот.

 

- Реклама -