Кози, фала за кафето

Еве една приказна за да имате што да мислите со полузаспаниот мозок додека го пиете следното утринско кафе. Се работи за кози.

wnj2zanadjwvi2phyxeu[1]Според легендата, самиот факт што знаеме за кафето во кое секојдневно уживаме, им го должиме токму на козите. Зошто? Па, приказната вели дека еднаш многу одамна, еден етиописки козар по име Калди си бркал работа, кога забележал дека козите му се некако пораздвижени и повесели. По малку „истражување“, Калди сфатил дека тие всушност паселе зрна и листови од некоја за него мистериозна билка, што ете, правела повеќе да скокаат на задните нозе.

Од љубопитство, козарот гризнал од едно од зрната и почувствувал чуден наплив од енергија. Како што гризнувањето на тоа што е непознато се сметало за легитимен научен метод во тоа време, така и врачовите (свети луѓе) се сметале за експерти кај кои носиш примерок од гризнатото, за да ти кажат дали ќе умреш или е океј. Врачот, пак, ги фрлил зрната во оган, а тогаш сите ја посведочиле (преку носот) магијата што денес ја знаеме како мирисот што сакаме да нé буди наутро. Некој од помудрите луѓе, пак, ги земал изгорените зрна од жарта на огнот и ги ставил во сад со зовриена вода. Воала, првото кафе во форма на напиток.

Се смета дека самиот збор „кафе“ можеби потекнува од името на етиопскиот регион – Кафа (Каffa), макар што Јеменците тврдат дека територијата на потекло е токму нивната земја. Било да е така или не, били дали козите се заслужни или тоа е само приказна, Етиопија дефинитивно има богата историја со кафето. Првата пишана референца за овој напиток доаѓа од 10-от век, во книгите на прочуениот персиски доктор по име Разес – автор на 1000 книги. Тој пишува за „bunn“, како што го викале кафето во Етиопија, кој го опишува како „напиток што е добар за тие со жешка природа, но го намалува либидото“.

„Bunn“-от на Разес најверојатно се појавил неколку века пред тој да пишува за него и не се работи за она исто кафе што го пиеме денес – тоа се појавило неколку века подоцна.

- Реклама -