„Секој закон во Собранието може да претрпи модификации, да се отвори дебата… Јас сметам дека тоа треба да се направи, бидејќи се работи за Закон којшто ги подобрува процедурите, ги забрзува процедурите. Не дава никаква амнестија на некој којшто направил тешко дело, точно наведени во самиот Закон. Затоа мислам дека не треба на блок да се отфрла, туку треба да се отвори парламентарна дебата“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите при посетата на градежните активности на изградба на автопатот на Коридор 10-д, делницата Прилеп-Битола.
Тој во одговор на новинарско прашање рече дека Владата ќе го разгледа законот на една од наредните седници и потоа низ процедура ќе биде пратен до пратениците каде што сите пратенички групи ќе можат да го кажат своето мислење, но нагласи дека никој нема корист од блокирање.
„На граѓаните доста им е од кавга, доста им е од препукувања и бесконечни прес-конференции на коишто секој секого обвинува за нешто. На граѓаните им требаат проекти, работа инфраструктурни проекти, им требаат подобри услови за живеење. Мојот пристап е дијалог, разговор заснован врз основа на факти и работа со цел да се оствари интересот на граѓаните. Затоа сметам дека тој пристап треба да го има опозицијата затоа што на тој начин ќе се унапредат процесите коишто ги имаме во државата“, посочи премиерот Ковачевски.
На прашањето кој е „Дарт Вејдер“ на македонското правосудство, премиерот одговори дека тоа ќе го остави на имагинацијата и на истражувачкиот потенцијал на новинарите, да се навратат 15 години во правосудниот систем и да видат како се менувани одредени закони и како се монтирани одредени процеси, со тоа што многу лесно ќе може да се идентификува тоа лице кој, како што рече, потекнува од комунистичко време.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера одговарајќи на новинарски прашања дали имаат комуникација со власта за новиот закон за амнестија, повтори дека уште пред неколку месеци прекинале било каква официјална или неофицијална комуникација со Владата и оти партијата преку демократски алатки ќе го блокира новиот Законот за амнестија што го подготви власта.
„Тој закон кој што е предложен, а од вчера и на јавноста достапен е Закон за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно. За жал, тие политички партии или дел од тие политички партии денеска се од Владата и можете да видите дека таквиот закон не одговора, ама буквално ниту на потребите, ниту на очекувањата на граѓаните и во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку и истиот, преку демократски алатки, ќе го блокира“, рече Мицкоски.
МИА