Ковачевски: За случајот со снимката од Џафери треба да има постапка во Собранието

Постапката поврзана со снимката на која се слуша гласот на претседателот на Собранието – Талат Џафери, треба да се одвива во законодавниот дом, кој е независен од извршната власт, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, на новинарско прашање при неговата посета на ПЗУ Никоб Медикал.

Во однос на тоа како ќе се однесуваат пратениците од СДСМ  во поглед на таквата постапка, Ковачевски рече дека прво мора да се види како истата ќе се одвива и какви податоци, документи или или докази ќе бидат понудени.

„Мора да ја видиме и дисциплинската постапка и потоа да видиме пратениците како ќе се однесуваат, согласно со податоците и согласно со, нормално, документите коишто таму ќе бидат презентирани“, посочи Ковачевски.

Тој потенцираше дека Собранието има соодветни комисии во кои се разгледува однесувањето на пратениците во Собранието во однос на усогласеноста со етичкиот кодекс на однесување.

„Колку што знам веќе дел од пратениците имаат иницијативи во таа насока и затоа јас би се повикал прво на следење на процедурата, следење на етичкиот кодекс на однесување и следење на процедурите во Собранието на Република Северна Македонија. Зошто? Затоа што, да не заборавиме, Собранието е посебна законодавна власт во државата, Владата е посебна – извршна власт, и секако дека претседател на Влада не може да биде тој што ќе спроведува процедура во однос на она што го има како процедура во Собрание. Јас се надевам дека таму согласно со сите наводи и докази коишто ги споменавте дека ќе биде испочитувана процедурата и дека соодветно ќе бидат донесени понатамошни одлуки коишто се во надлежност на Собранието, меѓутоа и на други постапки“, рече премиерот.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Во однос на својот личен став, Ковачевски рече дека останува на ставот дека не сака да дава коментари во однос на содржината на самата снимка бидејќи, како што повтори, единствено се слуша глас и не се знае кој со кого или на кого му зборува.

„Не може да се дава оценка за нешто каде што се слушаат гласови, оти јас не сум бил таму, така што најдобар одговор може да дадат тие кои биле во самата сала и кои нормално дека ќе бидат дел од постапката што ќе си се води во соодветната Комисија“, рече тој.

На новинарската забелешка дека во земјава има осудени лица врз основа на снимки на кои „се слушаат гласови“, Ковачевски подвлече дека судот секогаш пресудува врз основа на материјални докази.

„И тие кои се осудени, тие за кои има случаи, сите случаи судот ги води врз основа на закони, врз основа на материјални докази, документи за кои се однесува соодветен процес и соодветна пресуда. Значи, пресуда не се носи врз основа на телефонски разговори, туку пресуда се носи врз основа на релевантни документи кои што се докажуваат во судска постапка“, рече премиерот.

Извор: МИА

- Реклама -