„Борбата против криминалот и корупцијата даде резултати со подобрување на нашата позиција во извештаите на Транспаренси интернешнл, сега станавме земја во која има демократски услови, додека во минатото имаше недостатоци во демократските процедури во земјава, и сме мошне среќни поради ова подобрување“, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за европската ТВ мрежа „Еуроњуз“.
Во интервјуто, Ковачевски зборуваше за актуелните прашања, за одржувањето на економската стабилност во земјава и за напредокот и за стратегијата на Владата за полноправно членство во ЕУ, потенцирајќи ја новата енергија во дијалогот со Бугарија, која, како што рече, ќе помогне за совладување на предизвиците и започнување на преговорите со Европската Унија.
Ковачевски истакна дека макрофинансиската помош на Европската Унија била од голема помош, не само од перспектива на чиста финансиска помош, туку и од аспект на продолжување со реформите коишто земјава/владата ги започнала во областа на управувањето со јавните финансии и во другите области.
„Ова, исто така даде јасен сигнал до другите меѓународни финансиски институции и донатори со кои соработуваме, дека имаме стабилна економска политика во време на кризи“, оцени премиерот.
Како што соопштија од владиниот Сектор за односи со јавноста, Ковачевски се осврнал и на обезбедената редовна координација со институциите на ЕУ во насока на зајакнување на јавните институции со цел соодветно остварување на потребните реформи.
Во интервјуто, тој, исто така, повторил дека земјава има јасна стратешка цел да стане полноправна членка на евроатлантските асоцијации, и додал дека новиот дијалог со неговиот бугарски колега Кирил Петков е со цел да се врати довербата меѓу двете земји за да се поттикне остварувањето на аспирацијата на земјата за членство во Европската Унија. Зборувајќи за ЕУ аспирациите на земјава, Ковачевски ги истакнал и придобивките од членството во НАТО како 30-та земја членка.