Ковачевски во ОН: Северна Македонија е пример за функционална мултиетничка држава и е фактор на стабилност

„Цврсто сум уверен дека унапредувањето на едно право, што не загрозува друго право, може само да ѝ користи на една држава што е посветена кон мирен развој…

Мирот никогаш не треба да се гледа како крајна дестинација. Мирот е пат со многу кривини, мирот се добива со заедничко чекорење по овој пат во секојдневието. Тоа е пат по кој луѓето кои живеат во населба, во заедница, во општина, во држава, треба да го врват заеднички. Тоа е пат на кој треба да напредуваме во заедништво, сите ние тука во оваа просторија, сите низ целиот свет“, ова го порача премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на отворањето на Состанокот по повод 30 години од Декларацијата за правата на малцинствата во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации.

„И го велам ова затоа што денес сум тука во името на мојата татковина, Република Северна Македонија, која денес е пример за функционална мулти-етничка држава и претставува фактор на стабилност на Западен Балкан што најмногу се должи на концептот ‘Едно општество за сите’ кон кој се стремиме и го спроведуваме без предрасуди. Ова е концепт заснован на начелото на еднакви права и должности за сите граѓани, начело што Владата и поголемиот дел од граѓаните на Република Северна Македонија го поддржуваат“, рече Ковачевски.

Овие граѓани, продолжи премиерот, се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други граѓани кои живеат во Република Северна Македонија и кои според највисокиот законодавен документ, нашиот Устав, имаат еднакви слободи и права, без разлика на нивната национална, етничка, верска или друга припадност.

„Нашиот образовен систем гарантира и нуди образование за лицата што припаѓаат на етничките заедници на нивниот мајчин јазик, на сите нивоа на образованието, почнувајќи со основното. Усвоените законски измени и примената на начелото на еднаква застапеност им овозможија на лицата што припаѓаат на етничките заедници да бидат вклучени во сите области на општествениот живот, како што се локалната самоуправа, Собранието, правосудниот систем, како и телата на извршната власт. Всушност, ние ги пренесовме писмото и духот на Декларацијата за права на малцинствата на Обединетите Нации во реалност, во нашата секојдневна пракса. Северна Македонија е силен поддржувач на оваа Декларација на ОН која ги штити основните начела за заштита на малцинствата. Веруваме дека сите демократски држави треба и мора да се водат од оваа Декларација“, подвлече премиерот.

Тој истакна дека граѓаните на Северна Македонија се наполно свесни за фактот дека со тоа што им се овозможува на лицата што припаѓаат на другите етнички заедници да го користат својот јазик, што се разликува од македонскиот, да ги бараат своите права за социјални услуги, да ги бранат своите права пред судовите користејќи го својот мајчин јазик, тие не изгубиле ништо – напротив, добиле многу.

„Со нашите политики за еднаквост го зацврстивме сврзувачкото ткиво на нашето општество и го отворивме патот за дискусија по прашања кои се од вистинска важност за граѓаните – нивното постоење и животен стандард, бидејќи тоа ни е заедничкиот јазик на сите нам, на сите наши граѓани. Со оглед на тоа дека сме цврсто и целосно посветени на Агендата 2030 и начелото ‘никој да не биде изоставен’, усвоивме Национална стратегија со која се елаборира концептот ‘Едно општество за сите и интеркултурализам’ засновани на партиципативна демократија, што од своја страна ги консолидира процесите за инклузивност во државата, а тоа е квалитетот по кој мојата држава е препознатлива во регионот, во ЕУ и низ светот“, рече Ковачевски.

Тој потсети дека пред 21 година минавме низ сложен процес кога се постигна Охридскиот рамковен договор, кој понуди решенија за отворените меѓуетнички прашања, како и дека денес овој Договор е пренесен во Уставот.

„Со тоа ние искрено покажуваме дека целосното уживање на човековите права од страна на малцинствата, во согласност со меѓународното право, може да се постигне само преку активни политики и стратешки планови што ги развиваме во соработка со секторот на граѓанското општество“, рече Ковачевски.

Тој истакна дека во моментов се развива нова Стратегија за еднаквост и недискриминација што ќе го покрива периодот од 2022 до 2026.

„Работиме на развој на стратегијата со поддршка на ОБСЕ, додека целта на Стратегијата е да обезбеди подобрување и унапредување на статусот на најранливите категории на граѓани. Правата на жените што припаѓаат на малцинствата се клучни за сите области, почнувајќи со образованието преку вклучувањето на жени во процесите за носење одлуки до нивен ангажман во телата на државната администрација. Посветуваме особено внимание и инвестираме значителни напори во заштитата на правата на Ромите. Развивме нова Стратегија за периодот од 2022 до 2030 за инклузија на Ромите во согласност со насоките дефинирани во Стратешката рамка за Ромите на ЕУ“, нагласи премиерот.

Ковачевски подвлече дека земјава спроведува уникатна политика за статусот на своите малцинства во државите во кои живеат, а што се заснова на примена на начелата што се дел од оваа Декларација на ОН и строгото спроведување на одредбите на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства.

„Со оглед на тоа дека сме успешна, функционална мулти-етничка демократска држава – мини Европа на Балканот – подготвени сме и имаме волја да гарантираме унапредување на етничкиот, културолошки, јазичен и верски идентитет на сите етнички заедници, додека истовремено ги штитиме државните интереси и ја развиваме Република Северна Македонија на исто ниво со остатокот од демократскиот свет.
Со тоа што сме дел од регион кој многу претрпел од бескрајни раздори и конфликти во минатото, посветени сме на тоа да придонесеме кон подобри односи со нашите соседи кои, исто така, се етнички различни. Нашата последна иницијатива – Отворен Балкан, заедно со земјите што нè опкружуваат – во моментов е најинспиративната идеја за мир и економски развој што ќе нè приближи до нашата крајна стратешка цел – членство во ЕУ“, истакна премиерот.

Тој оцени дека пандемијата и војната во Украина покажаа дека, кога станува збор за човековите права, борбата никогаш не завршува, затоа што и за нивното зачувување и за нивното унапредување, потребна е силна волја и претпазливост.

„Посветеноста на човековите права не завршува на границите на нашата заедница, на нашата држава, на нашиот регион. Таа е универзална. Со тоа, би сакал да ја поздравам денешната дебата што ја поддржува нашата заедничка посветеност на градењето поправични држави и поправичен свет“, заклучи премиерот во своето обраќање на Состанокот по повод 30 години од Декларацијата за правата на малцинствата во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации.

МИА

- Реклама -