Ковачевски во јануари му испратил писмо на Вселенскиот патријарх Вартоломеј

Премиерот Димитар Ковачевски испратил писмо до Вселенскиот патријарх Вартоломеј во јануари годинава, пред одлуката на Вселенската православна Цариградска патријаршија со која ја прима во канонско единство Македонската православна црква, свештенството и народот, под името Охридска архиепископија, со јурисдикција на територијата на Република Северна Македонија.

Писмото на Ковачевски до Вартоломеј го пренесуваме во целост:

„Ваша Сесветост, Архиепископ на Константинопол – Нов Рим и Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј, за мене претставува навистина огромна чест да Ви го напишам ова писмо, обраќајќи се со особена радост и должна синовска почит кон Вас, како кон Татко на православните, како кон претстојател на Великата Христова Црква – Мајката на Црквите и Патријарх на Тронот во Царицата на градовите.

Најнапред би сакал да го побарам Вашиот благослов за мандатот што мојот народ ми го довери, во следните години да му послужам како претседател на Владата на Република Северна Македонија.

Воедно сакам да Ве известам дека, со Божја помош, продолжуваме со истите цели и намери, како и нашата досегашна Влада, за доброто на народот во нашата земја, за мир, благосостојба и единство. Добро сме запознаени со црковната состојба во која се наоѓа нашата земја, но и добро знаеме за исклучителното право на Вселенската патријаршија да прима еклитон (апелација), кон кое веќе еднодушно, и Црквата и Државата, прибегнавме. Како носител на мирот и единството на светско ниво, Ви се обраќаме за Ваш татковски благослов и поткрепа во делото кон кое сe стреми нашата држава и црква. Како носител на татковската грижа во светското Православие и историската одговорност, Ве замолуваме да нѐ имате во своите молитви и намери, нас, измачените чеда на славната Ромејска култура и духовна аристократија, која преку Вас, во Окото на Вселената – Великиот Град, сѐ уште гори со пламенот на евангелската /љубов. Мојот народ и Црква очекуваат во скоро време да нѐ примите во евхаристиско единство со Мајката Црква, како прв чекор кон конечното решение на нашиот црковен проблем. Се надеваме дека во догледно време, преку решавањето на останатите административни проблеми, тоа конечно ќe доведе кон автокефалија на нашата Црква, којашто ние ја разбираме како единство со сите помесни православни Цркви преку послушанието и почитта кон Првопрестолната Вселенска Патријаршија во Константинопол.

Мирот и заедништвото во името на Бога се идеали кон кои се стремиме, а на кои нѐ учи Православната Христијанска вера, чијашто можност за нивното практично реализирање ја гледаме единствено во Вашата просветлена личност.

Од длабочината на срцето Ви го честитам Вашиот редок јубилеј: 30 години Вселенски патријарх и 60 години славно свештенодејствие. Ви посакуваме долгоденствие во здравје и мир, па плодовите од вашата мудрост и просветленост да ги почувствува и да им се радува и нашиот народ и Црква.

Според моето скромно мислење, поминуваме клучни историски моменти, коишто треба да се исползуваат во слава Божја, пред лицето на историјата.

Ви ја бакнувам Вашата света десница, просејќи го Вашиот благослов и ставајќи го мојот мандат на располагање за соработка и помош во решавањето на нашето долгогодишно црковното прашање. Посакувам новата 2022 година да биде успешна и плодотворна, година историска и славна, година на единство и заедништво“, се наведува во писмото на Ковачевски до Вартоломеј.

Вселенската патријаршија на 9 мај 2022 година донесе одлука да ја признае Охридската архиепископија како канонска црква, со која МПЦ-ОА се враќа во канонско единство со другите православни помесни цркви. Оваа одлука не значи томос за автокефалност, туку чекор кон конечно решавање на статусот на нашата црква, што сепак, по препорака на Фанар ќе се бара преку разговори со СПЦ.

МИА

- Реклама -