Ковачевски вели дека промените во Владата ќе бидат „многу мали“, Пенов бил еден од најдобрите градоначалници во државата

Во Владата ќе има промена само на министерското место за локална самоуправа, но не и на челните места на други министерства, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање.

„Ви кажав, смена ќе има во Министерство за локална самоуправа, со оглед на тоа дека имаме оставка на министерот. Друго нема во план“, рече Ковачевски, кој денеска присуствуваше на првиот академски час на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје.

На забелешката дека функционери на СДСМ најавиле „мали промени“ во Владата, Ковачевски потенцира дека станува збор за „многу мали промени“.

„Јас сметам дека ќе бидат многу мали, со оглед на тоа што Владата функционира во полн капацитет и ги извршува своите обврски и ја реализира Програмата така како што е договорено“, рече премиерот.

За тоа кога ќе биде изборот на новиот министер за локална самоуправа, Ковачевски рече дека тоа треба да се координира со претседателот на Собранието и изрази задоволство што предлогот од Либерално демократската партија за оваа позиција е Ристо Пенов, бидејќи, како што рече, за него тој бил еден од најдобрите градоначалници не само на Скопје, туку воопшто во државата, „којшто зад себе има голем број успешни проекти на коишто и ден денес сите сме сведоци“.

Ковачевски нагласи дека прво мора да се потврди оставката на министерот за локална самоуправа, а дури потоа и изборот на нов министер на седница на Собрание.

„Меѓутоа, тоа мора да се координира со претседателот на Собранието, во однос на дневниот ред на нови седници, како што се закажуваат“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека сѐ уште нема добиено официјален допис од ЛДП.

Извор: МИА

- Реклама -