„Уставните измени се нешто што е обврска на нашата држава во делот на пристапување во Европската Унија и за мене беше очекувано кои партии ќе учествуваат, а кои нема да учествуваат во работната група формирана во Министерството за правда“, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање како ќе функционираат работните групи во Минисерството за правда, каде што опозициските партии одбија учество.
„Во државата имаме два концепти – едниот концепт се политички партии кои ја поддржуваат Северна Македонија – членка на НАТО и на ЕУ, и имаме втора група на политички партии предводени од Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, јас ова го кажав уште во септември минатата година, што се против членството на земјава во НАТО и во ЕУ. И тоа во историјата се потврдило. Одлуките за НАТО, денешната опозиција не гласаше за ниту една. Тие не гласаа ниту за договорот Фронтекс, каде што за првпат македонскиот јазик е дел од договор во којшто се наведени сите други јазици на земјите-членки на ЕУ. И тоа не влегоа да го гласаат“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека „подобрувањето на животниот стандард, воведувањето демократски институции на повисоко ниво, зачленувањето во ЕУ, не можат да бидат заложник на кариерата на еден човек, туку тие се обврска на сите пратеници во Собранието да носат одлуки што ќе обезбедат европска иднина на сегашната и на идните генерации“.
„Откако ќе бидат направени амандманите во Комисијата при Министерството за правда, тие ќе бидат дадени на јавна расправа пред академската заедница, пред невладиниот сектор, бизнис заедницата, медиумите, да се запознаат граѓаните и потоа ќе започне парламентарната процедура во Собранието, каде што постои уставна комисија и оди низ процедурите што важат за уставни измени“, рече премиерот.
Тој потсети дека ова не се последни уставни измени, бидејќи, нагласи, и пред влегувањето во ЕУ има уставни измени кога се даваат дел од надлежностите на Европската Унија, како што тоа го направила секоја држава.
„И ова не е последното двотретинско гласање на патот до ЕУ. Пред нас имаме, врз основа на скрининг извештаите што ќе ги добиеме, реформа на правосудството – за тоа треба две третини, реформа на обвинителството, реформа на јавната администрација, реформа на децентрализацијата, и за тоа велам дека овој процес не може да биде заложник на еден човек, ниту пак процесот е процес на еден човек, една партија, или една влада. Ова е процес во којшто треба сите да учествуваат затоа што граѓаните заслужуваат да живеат во земја-членка на ЕУ ама тука дома, а не да живеат во земја-членка на ЕУ во туѓина да одат да работат“, истакна Ковачевски.
Министерството за правда утре ќе го соопшти составот на работната група за измени на Уставот. Рокот што им беше даден од Министерството за правда на институциите и политичките партии во дописот за номинирање свој претставник во работната група истекува на полноќ. Според последните информации, работната група треба да има меѓу шест и осум експерти. Политички партии и одредени институции во јавноста веќе ги соопштија имињата на лицата што ќе ги претставуваат.
СДСМ денеска на прес-конференција соопшти дека во работната група нив ќе ги претставува Цветанка Иванова, актуелна генерална секретарка на Собранието и поранешна пратеничка. Алијанса за Албанците соопшти дека претставник на партијата во работната група за уставните измени ќе биде пратеникот Ремзи Мехмеди. Според информациите, свои претставници во групата номинирала и Беса, а се очекува денеска и ДУИ да соопшти кој ќе биде номиниран од кај нив.
ВМРО-ДПМНЕ, Алтенатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз викендов информираа дека нема да учествуваат во работната група.
На дописот од Министерството за правда, први се одзваа претседателот Стево Пендаровски, кој потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет – Александар Спасов, кој е негов правен советник, додека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ посочи дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Во работната група свои експерти треба да номинираат и од Министерството за надворешни работи.
Извор: МИА