Ковачевски: Сега нашата православна црква е во заедница со сите православни цркви

Премиерот Димитар Ковачевски упати благодарност до вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј за признавањето на Охридската Архиепископија за канонска.

„Иако со овој чин конечниот статус и име сѐ уште не се решени, најважниот и најголем чекор е завршен. Сега нашата православна црква е во заедница со сите православни цркви, и овој ден е историски ден после седум децении тотална изолација. Денеска со одлуката на Вселенската Патријаршија, ние влегуваме во православното семејство на сите помесни цркви. И оваа одлука на вселенската патријаршија што нѐ признава под име Орхидска Архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска Архиепископија“, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Со одлуката на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. Тоа значи дека Вселенската Патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.

МИА

- Реклама -