Ковачевски: Седницата за уставни измени ќе продолжи кога ќе се знае дека пратениците имаат разбрано дека одлуката е потребна заради подобра иднина на државата

„Собраниската седница ќе продолжи тогаш кога ќе се создадат услови за тоа. Ова е процес кој не застанува и од него зависи иднината на државата“, вели премиерот Димитар Ковачевски“, изразувајќи уверување дека на крајот уставните измени ќе ги поддржат 118 пратеници.

Одговарајќи на новинарски прашања по направениот увид на отпочнување градежни работи за изградба на затворен пливачки базен во Општина Карпош, Ковачевски нагласи дека членството во Европската унија до 2030 година е шанса која не треба да се пропушти и секој треба да ја земе одговорноста пред себе и одговорноста во свои раце. Рече дека очекува поддршка од пратениците на сите политички партии освен Левица, кои, според него, се против ЕУ и, како што рече тој саркастично, ќе правеле заедница со Казахстан и Таџикистан.

Прашан за дипломатската офанзива последните денови во земјава и неменувањето на ставот на опозицијата во однос на Уставните измени, Ковачевски рече дека Собраниската седница ќе продолжи тогаш кога ќе се создадат услови за тоа, односно кога ќе се знае дека најголемото мнозинство на пратеници веќе има разбрано дека ова е одлука која треба да се донесе заради подобрата иднина на државата.

„Јас не го гледам тоа како офанзива, туку како посета на пријателски дипломати од пријателски држави. Тука беше специјалниот пратеник на германскиот канцелар за Западен Балкан Мануел Сарацин, кој е голем пријател на Северна Македнија и испрати многу јасна порака дека сега е моментот Северна Македонија да ги продолжи своите европски интеграции. Истото го направи и вчера шефот на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот – Михаел Рот, кој ја повтори таа порака. И таа порака не се разликува од ниту една друга, која ја испратија и дипломати од САД, Австрија, Словачка… Тие кажаа дека не дошле тука ниту да мачат некој, ниту на некој да вршат посебен притисок, туку да искажат свој став дека сега во моментот во Европската унија постои расположение и заеднички интерес Северна Македонија да го продолжи својот пат кон европските интеграции и до 2030 година да станеме земја членка“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Митева: Филипче, Заев и Ковачевски свесно ја втурнаа Македонија во црно сценарио, да биде оставена сама на Балканот и неинтегрирана

Тој нагласи дека историски моменти кога стратешките интереси на најголемите држави во ЕУ и на САД се поклопуваат комплетно со нашите, се ретки и затоа треба да се искористат.

„И затоа треба оваа шанса да се искористи и конечно државата неповратно да се стави на патот кон Брисел и да градиме едно општество, кое ќе биде подобро за живеење на сите граѓани во нашата држава, но и за оние кои ја напуштиле државата заради живеење во ЕУ да препознаат дека и тука има услови како во Унијата и да се вратат како што тоа го прават граѓаните на Полска, Романија и други. Тоа е нашата цел. Нашите граѓани да живеат во земја членка на ЕУ – Северна Македонија, а не во земја членка на ЕУ, некоја туѓа држава во Западна Европа“, рече премиерот.

Извор: МИА

- Реклама -