Премиерот Димитар Ковачевски се согласува со ставот на Амбасадата на САД во земјава во однос на изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Ова премиерот го изјави прашан да го коментира ставот на амбасадорката Анџела Прајс Агелер, додавајќи дека смета дека се потребни дополнителни реформи во правосудниот систем на државата.
„Јас се согласувам со изјавата на Американската амбасада. Морам да бидам искрен. Можам тука да ви кажам слободно дека, како претседател на Владата и како Влада, зборувам за министрите, ние немавме никаков удел во изборот на шеф на Обвинителството за организиран криминал, со оглед на тоа дека се работеше за непосреден избор помеѓу самите обвинители и фелата. Како бил направен изборот, тоа може да ви го кажат најдобро обвинителите. Дали е според сите стандарди и според сите принципи на добро владеење? Тоа исто така може да ви го кажат самите обвинители или пак оние институции, вклучително и меѓународни институции, коишто учествувале во спроведувањето на реформите во обвинителскиот систем во државата. Сметам дека на тој систем му се потребни уште реформи, уште унапредувања. Правосудниот систем во државата има кредибилитет од осум проценти. Сметам дека пред нив има огромна работа и треба да покажат дека можат граѓаните и институциите да веруваат во тој систем“, рече Ковачевски, откако САД порачаа дека „се збунети“ од изборот на новиот шеф на ОЈО ГОКК.
Извор: МИА