„Според тоа што ме информираа од Министерството за внатрешни работи, на протестите се планира нешто што не доликува на држава која е земја членка на НАТО и која претендира да стане земја членка на ЕУ“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот Совет – Шарл Мишел, одговарајќи на новинарско прашање.
Според премиерот, тоа што се случува пред Владата е организирано од политички партии кои јасно застанале против членството на земјава во НАТО и во ЕУ.
„Република Северна Македонија е демократска држава која има најуредено законодавство и институции во однос на остварување на права на граѓаните по сите основи. Секој може да протестира. И јас сум протестирал. И кога требало да се бранат правата на студентите и кога требало да се бранат правата на професорите. Но, никогаш не се случило освен еднаш и сега вторпат да протестираат луѓе кои носат качулки, кои гаѓаат по полиција, да имаме повредени полицајци. Видовте вчера дека полицијата се повлече“, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека се разговара за предлог доставен од Европската Унија, односно, како што рече, 27 земји членки претставувани од претседателот на Европскиот Совет – Мишел, доставија до Република Северна Македонија предлог за отпочнување на преговорите.
„Секој од нас во оваа држава е претставен преку пратениците во Собранието, без разлика од која политичка партија се. И сите ќе мора да ја донесеме одлуката дали сакаме да отпочнеме преговори преку пратениците. На никој не му се криви полицајците кои ја извршуваа својата службена должност, ниту зградата им е крива. Предлогот е дојден од 27 држави, ставен е на широк консултативен процес во државата. Никој никому ништо не му криел“, рече Ковачевски, додавајќи дека претседателот на Европскиот совет ќе го претстави предлогот и пред координаторите на пратеничките групи.
Според Ковачевски, се води транспарентен процес, бидејќи, како што рече, сѐ што е предложено од ЕУ е споделено со јавноста, на англиски и на македонски јазик.
МИА