Ковачевски-Мицотакис: Односите меѓу двете земји се одлични, продолжува да се гради и зајакнува пријателството

Премиерот Димитар Ковачевски попладнево имал телефонски разговор со премиерот на Грција – Кирјакос Мицотакис, кој му честитал на изборот за премиер и му посакал плодна и успешна работа, соопшти владината прес-служба.

Во разговорот, двајцата премиери се согласиле дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството.

Ковачевски му се заблагодарил на Мицотакис и за поддршката што тој во континуитет ја дава за почеток на ЕУ преговорите за земјава, а го запознал и со некои од резултатите од посетата на бугарскиот премиер Петков и возвратната посета на Ковачевски, вклучително и заедничката владина седница што се одржа во Софија.

„Низ взаемно почитување и дијалог базиран на европски вредности, верувам дека можеме да најдеме решение во интерес на двете земји и народи“, истакнал Ковачевски во телефонскиот разговор со Мицотакис.

Тие разговарале и за економската соработка, соработката во енергетиката, културата и други важни области, при што се договориле и за заедничка средба во рамки на Делфи Форумот во Атина кој треба да се одржи во април годинава.

Прочитајте и:  Агелер: Најавата на идниот премиер дека ќе го користи уставното име при заклетвата е за поздравување

Како што јавува дописничката на МИА од Атина, од кабинетот на Мицотакис соопштиле дека  за време на телефонскиот разговор на двајцата премиери била констатирана заемната волја за зајакнување на повеќеслојните билатерални односи и билатералната соработка, со акцент на економскиот и трговскиот сектор.

Мицотакис ја повторил поддршката на Грција за европската перспектива на Западен Балкан и Северна Македонија, согласно поставените критериуми.

Според неговиот кабинет, тој нагласил и дека оваа поддршка е „директно поврзана со целосното, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа, што исто така е дел од пристапниот процес“.

Ова е прв телефонски разговор и прв контакт на премиерот Ковачевски со неговиот грчки колега.

Извор: МИА

- Реклама -