„Треба да знаеме дека во текот на нашиот евроинтеграциски пат имаме преземено и ние обврски, има преземено и ЕУ обврски и тоа се обврски коишто ќе треба да ги исполниме. Се друго е залажување на граѓаните, сè друго е бегање од реалноста, се друго е бегање од одговорност и се друго е немање на храброст“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Гранада, Ковачевски посочи, дека како што тие ја исполнија обврската за вклучување на чист македонски јазик без никакви фусноти во преговарачката рамка, така и ние треба да ја исполниме нашата обврска, а тоа е вметнување на други делови од народи во нашиот Устав.
„Како што тие ја исполнија обврската за вклучување на чист македонски јазик без никакви фусноти во преговарачката рамка за што сите сме сведоци, како што тие ја презедоа обврската да се одржи прва меѓувладина конференција минатата година, како што ја презедоа и ја исполнија обврската да се потпише договорот Фронтекс на македонски јазик, одобрен од сите земји членки на ЕУ и тоа се случи, така и ние треба да ја исполниме нашата обврска, а тоа е вметнување на други делови од народи во нашиот Устав којшто веќе вклучува и други делови од народи и со тоа да го продолжиме нашиот пат на европско интегрирање. Сè друго е залажување на граѓаните, се друго е бегање од реалноста, сè друго е бегање од одговорност и сè друго е немање на храброст“, изјави Ковачевски.
На прашање на МИА каков е неговиот впечаток од средбите во Гранада, во рамки на Европската политичка заедница, за подготвеноста за прифаќање на француско-германскиот предлог за квалификувано мнозинство, Ковачевски рече дека не би сакал да го коментира, бидејќи треба да го претстават тие што го подготвиле.
„Гледајте, во однос на тоа што е ставено како работен материјал јас кажав дека не би сакал да го коментирам, бидејќи треба да го презентираат тие коишто го подготвиле, а се работи за германско-француска работна група. И секако дека тие на официјалниот состанок којшто ќе го има, на неформалниот утре и на официјалниот во декември, својот предлог ќе го презентираат. Има држави коишто тоа го потврдуваат, меѓутоа ние треба да знаеме дека во текот на нашиот евроинтеграциски пат имаме преземено и ние обврски, има преземено и ЕУ обврски и тоа се обврски коишто ќе треба да ги исполниме“, посочи Ковачевски.
МИА