Ковачевски: Економијата може да одговори на зголемување на минималната плата на 20.000 денари

„Во првиот квартал од идната година ќе имаме зголемување на минималната плата, согласно методологијата што беше направена на самиот почеток на мандатот на оваа Влада, која предвидува дека минималната плата се усогласува 50 проценти со зголемувањето на трошоците за живот и 50 отсто со растот на просечната плата“, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

„Имаме елемент на зголемување на продуктивноста на трудот и сметам дека економијата може соодветно да одговори на ова зголемување на минималната плата“, истакна Ковачевски во одговор на новинарско прашање дали домашната економија во сегашните услови може да издржи нов „минималец“ од 20.000 денари.

„Јас бев директно вклучен во преговорите за минималната плата кај компаниите, особено кај членките на големите стопански комори, како и во ТИРЗ-овите, и при минатото зголемување на минималната плата не постоеше поголем проблем, бидејќи најголем дел од платите во приватниот сектор се на повисоко ниво, особено за стручните позиции. И самите гледаме дека преку зголемувањето на просечната плата во државата, сега многу повеќе се цени трудот на работниците, од случајот што беше порано во време на минатата власт, кога минималната плата беше на ниво од 8.000 денари а просечната плата беше далеку помала од оваа што ја имаме денеска“, рече Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -