Премиерот Димитар Ковачевски во Њујорк остварил средба со управниот директор на Светскиот економски форум, Мирек Душек, на која е разговарано за економските перспективи на земјава и на Западен Балкан, во контекст на политичките и безбедносните предизвици на европскиот континент. Се разговарало и за важноста на соработката на нашата држава со Форумот, во ваквата констелација, информираат од владината прес-служба.
Преку активната соработка со над 800 водечки светски компании, Светскиот економски форум (WEF) може значајно да придонесе за привлекување на вниманието на инвеститорите кон земјите од Западниот Балкан, велат од Владата. Ковачевски, на средбата, оценил дека соработката со WEF за земјава е посебно значајна во услови кога државата е насочена кон, како што рекол, забрзан евроинтеграциски процес, од кој се очекува унапредување на квалитетот на живот на македонските граѓани и економски развој.
„На патот кон евроинтеграциската цел, што сметаме дека е достижна до 2030 година, нашата земја има потреба од иновации и поттик на конкурентноста на компаниите и вложувања и мотивација на човечкиот капитал. Драгоцени се искуствата и размената на знаења на собирите на Форумот од глобален формат, по значајни прашања како што се: бизнис солуциите за одржлив развој, особено во производството на храна, изнаоѓањето решенија околу енергетските потенцијали, на планот на климатските промени, состојбите во здравството, глобалната конкуренција, информатичката технологија, борбата за спречување на корупцијата“, истакнал Ковачевски.
На состанокот, како што се наведува во владиното соопштение, констатирано било и дека државава бележи напредок во рангирањата според економските перформанси, и оценето било дека е потребно одржување на фокусот на заземената насока, за што соговорниците најавиле натамошна зајакната соработка со Светскиот економски форум.