Ковачевски: Далекуводот од ТС „Битола 2“ до македонско-албанската граница има стратешка и капитална вредност

Битола, 17 февруари 2022 (МИА) – Далекуводот од ТС „Битола 2“ до македонско-албанската граница, инвестиција во износ од 17.2 милиони евра, има регионална стратешка и капитална вредност која овозможува поврзување на електропреносните системи на Северна Македонија и на Албанија, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешниот промотивен настан во Битола.

Според премиерот Ковачевски, со новата енергетска врска се заокружува процесот на поврзување со електропреносните системи на сите соседни земји.

„Нашата држава има клучна улога во регионалното енергетско поврзување и оттука оваа инвестиција е од огромно значење како за нас, така и за целиот регион. Со овој проект, Северна Македонија се позиционира како балканска крстосница за дистрибуција на електрична енергија. Во сферата на целата електроенергетска верига ‘исток-запад’, интерконективниот далекувод Битола-Елбасан е во суштина реализација на Коридорот 8 и претставува клучна алка во транзитот на електрична енергија од Бугарија преку Северна Македонија, низ Албанија и се до Италија“, посочи Ковачевски.

Пред гости од државата и странство, претставници на енергетскиот сектор од регионот, Ковачевски предочи дека со овој проект, како проект од Коридорот-8, Северна Македонија ги исполнува високите европски технолошки стандарди за пренос на електрична енергија.

„Проектот отвора широки економски потенцијали, а подеднакво важно е градењето на добрососедски односи. Во таа насока е и иницијативата Отворен Балкан чија основна цел е промовирање и унапредување на односите меѓу државите во регионот. Со градењето на вакви врски со соседите и со инвестирање во капитални проекти во електроенергетската мрежа, ги поврзуваме нашите економии, сите стануваме посилни и поконкурентни и што е најважно, уште поподготвени за натамошен развој. Со реализација на овој голем проект испраќаме јасна порака со сите инвеститори дека ја јакнеме преносната мрежа на електрична енергија и создаваме поволен амбиент за оние кои сакаат да го искористат економскиот потенцијал и да инвестираат во нашата земја. Тоа значи и нови вработувања, а со тоа и севкупен економски просперитет“, нагласи премиерот Ковачевски.

Реализацијата на проектот се врши со поддршка на Европската банка за обнова и развој, делегацијата на ЕУ во земјава, а изведувач на работите е фирмата „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина.

„Ова е еден од најголемите и најзначајните проекти во историјата на нашата компанија и со овој проект го заокружуваме енергетското поврзување со сите наши соседи. Проектот обезбедува поголема сигурност и стабилност на нашиот електронергетски систем, вклучување во сите регионални иницијативи за размена на енергија и ќе се зајакне економската соработка меѓу двете земји и народи. Должината на далекуводот од Новаци до македонско-албанската граница е 97 километри, а изведувач е фирмата „Енргоинвест“ од Босна и Херцеговина“, истакна Орхан Муртезани, генерален директор на АД МЕПСО.

На денешниот промотивен настан и ставањето камен-темелник со кој почна изградба на далекуводот од ТС „Битола2“ до македонско-албанската граница, пригодни обраќања имаа и Џулијан Васало – претставник на Делегација на ЕУ во земјава, и Анди Аранитаси – претставник на ЕБРД во земјава, кои нагласија дека проектот се совпаѓа со европските цели за изградба на ефикасна енергетска инфраструктура со која Европа треба да биде климатски неутрална до 2050 година.

- Реклама -