Ковачевски-Бесими: Следуваат најголемите системски реформи во јавните финансии во изминатите две децении

„Најголемите реформи во јавните финансии во изминатите две децении, на кои ќе се гради систем којшто ќе продуцира повисоки стапки на економски раст и подобар животен стандард за граѓаните“, беа тема на средбата меѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и премиерот Димитар Ковачевски, на која присуствуваа и раководителите на сектори во Министерството за финансии, информираат од Владата.

„Станува збор за новиот реформски Закон за буџети (Organic Budget Law), поддржан од сите релевантни меѓународни институции, како и од политичките партии, и измените и дополнувањата на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Овие закони, кои се во финална фаза во Собранието на Република Северна Македонија, се креирани по примерот на најдобрите светски и европски практики и носат крупни реформи од планирање до реализација на буџетот на државата и на единиците на локалната самоуправа, поставување на фискални правила и фискален совет, како и негување на висок степен на отчетност и транспарентност“, се вели во соопштението на владината прес-служба.

На средбата било истакнато дека во време на крупни предизвици, какви што се ценовната и енергетската криза, не треба да се изгуби фокусот кон системските реформи. И покрај креирањето на тековните мерки кои треба да ги заштитат граѓаните, стопанството и економијата, се подвлекува во соопштението, напоредно треба да се работи и на унапредувањето на системот.

Само на тој начин може да се задржи стабилноста, а на среден рок и да се постигнат подобри економски резултати, било посочено на средбата.

„Двата реформски закони суштински го менуваат досегашниот систем на функционирање на јавните финансии. Законот за буџети поставува среднорочна рамка и јасни цели за постигнување на одржлив раст, како и интегриран систем кој значително ќе го подобри квалитетот од планирањето до спроведувањето на јавните приходи и расходи. Исто така се поставуваат прагови за долгот и дефицитот во насока на заложбата за фискална консолидација, но и Фискален совет кој независно ќе ги надгледува овие процеси. Измените на Законот за финансирање на општините се засноваат на три столба: подобрување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на нивните приходи, зголемување на фискалната дисциплина на општините и зголемување на нивната транспарентност и отчетност. Со овој закон се овоможуваат повисоки приходи на општините со раст на нивниот удел во даночното зафаќање, но и зголемување на одговорноста и отченоста во трошењето на парите“, се појаснува во соопштението од владината прес-служба.

По усвојувањето на овие закони од страна на Собранието, како што посочуваат од Владата, преку точно утврдени планови на реализација ќе отпочне нивното спроведување. Тие ќе се одвиваат истовремено со спроведување на антикризните мерки за заштита на граѓаните и фирмите од тековната криза, со цел да се оптимизира системот, од кој се очекува по кризата да ги даде посакуваните повисоки и одржливи стапки на економски раст.

- Реклама -