Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседавачот на американскиот Еврејски Конгрес – рабин Ендру Бејкер, како и со претставникот на Еврејската заедница во Германија – Стефан Крамер, и со поранешниот амбасадор на САД во Германија – Џејмс Бинденагел.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, биле разменети впечатоци од одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, кое се одржа под покровителство на Владата на Република Северна Македонија, а во организација на Еврејската заедница на Република Македонија и Фондот на Холокаустот на македонските Евреи.
Премиерот Ковачевски изразил силна осуда на антисемитизмот, расизмот, ксенофобијата и фашизмот и додал дека нашата држава секогаш била и ќе остане на вистинската страна на историјата.
„Република Северна Македонија ќе продолжи да се спротивставува на сите различни форми на говор на омраза и нетолеранција“, рекол Ковачевски, но и порачал „мрачните злосторства врз Евреите од Македонија, во логорот во Треблинка“ никогаш да не се повторат.
Ковачевски, и на оваа средба, посочил дека во претстојниот период, во рамки на дебатата за уставните измени, ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот.
Претседавачот на Американскиот Еврејски Конгрес, рабинот Ендру Бејкер, изразил благодарност за организацијата на серијата настани поврзани со одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка.
Поздравувајќи ја „политиката на дијалог и разбирање која ја практикува Република Северна Македонија“, рабинот Бејкер нагласил дека биле потребни децении за демократските држави од Западна Европа да ја признаат сопствената улога во Холокаустот, а денес, оние кои ја искривуваат историјата на Холокаустот, тоа го прават свесно, за политички цели.