Копа Америка: Аргентина во полуфиналето, Мартинез повторно херој


Аргентинската фудбалска репрезентација се пласираше во полуфиналето на Копа Америка откако со подобро изведување пенали го совлада Еквадор со 4:2. Натпреварот заврши 1:1, па прашањето на победникот беше решено со удари од белата точка, а Емилијано Мартинез повторно брилјираше.

И покрај тоа што актуелниот светски и јужноамерикански првак го започна мечот со голем посед, сепак поопасен беше Еквадор кој ги имаше првите три шута кон противничкиот гол на натпреварот. Во еден од нив, Дибу Мартинез со нога мораше да го одбрани опасниот удар на Џереми Сармиенто.

„Гаучосите“ сепак поведоа во 35. минута со голот на Лисандро Мартинез, кој шутираше со глава по центаршутот на Лионел Меси од корнер. Меси нафрли на првата статива, Алекс Мекалистер ја префрли топката на другиот крај од голот каде сам беше дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, постигнувајќи го својот прв гол во дресот на Аргентина во својот 21. настап.

Второто полувреме започна помалку френетично, но беше многу поборбено. Еквадор можеше да израмни во 62. минута од пенал, кој Родриго де Пол го скриви со рака. Сепак, Енер Валенсија ја погоди стативата. Аргентина можеше сѐ да реши во 68. минута кога Лионел Меси прекрасно ја прими топката и шутираше, но еквадорскиот голман Александар Домингез беше подготвен.

Еквадор израмни во втората минута од судиското надополнување, Џон Јебоа одлично нафрли пред голот, а Кевин Родригез со глава ги постави конечните 1:1. Голот беше проверуван поради можен офсајд, но судијата Андрес Матиас Матоте Кабрера покажа на центарот.

Тоа беше првиот гол што Аргентина го прими на овој турнир откако мина низ групата со три победи и гол разлика 5:0.

Во седмата минута од судиското надополнување, Жорди Каиседо можеше да ги шокира Аргентинците, но од изгледна прилика упати лош удар со глава.

Лошо почна за Аргентина пенал-рулетот. Меси го изведе првиот удар, но ја погоди стативата. Сепак, го „извади“ Мартинез, кој двапати реагираше фантастично. Веќе во првата серија го запре ударот на Анџело Мена, а во втората серија, исто така, на Алан Минда откако Алварез погоди за 1:0. Мекалистер и Монтиел потоа погодија за Аргентина, а Николас Отаменди беше стрелец на решавачкиот гол за победа од 4:2. На спротивната страна прецизни беа Јебоа и Каиседо.

„Им кажав на момците дека не сум подготвен да си одам дома. Ни тие не беа“, изјави Мартинез откако беше прогласен за најдобар играч на натпреварот.

„Ние сме шампиони на светот и на Јужна Америка, овој тим заслужи да продолжи натаму. Бев малку понесен од публиката, бидејќи Аргентинците беа таму, а моето семејство беше во близина. Не ја пруживме играта каква што сакаа луѓето да видиме, но на крајот победивме“, додаде голманот на Астон Вила, кој беше и херој на финалето на Светското првенство во кое Аргентина ја совлада Франција по изведувањето пенали.

„Тимот има слепа верба во својот голман и тоа е фундаментално. Дури и по промашувањето на Лео и со сето тоа што значи за тимот, ние верувавме во него. Не е пријатно кога победуваш на ваков начин. Се разбира, сречни сме, но јас не уживав во оваа победа“, изјави селекторот на Аргентина, Лионел Скалони.

Аргентина во полуфиналето ќе се соочи со Канада или Венецуела, а во преостанатите две четвртфиналиња ќе играат Бразил и Уругвај, а Колумбија и Панама.

- Реклама -