Со цел ефикасна реализација на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на Владата, формирана ќе биде единица за следење на инвестиции која всушност ќе претставува координативна група од јавниот и приватниот сектор, а која ќе биде одговорна за раководење со процедурите за спроведување на планот, најави премиерот Зоран Заев.
Тој истакна дека силно верува дека здравствената криза веќе одминува и дека, како што рече, само со работа и искрени намери и труд ќе има подобри услови и постојано подобрување на животниот стандард за сите македонски граѓани. Притоа, „Владата е тука да даде мотив и поддршка за економска стабилност, за раст и развој на нашата држава, за мирен и стабилен живот на нашиот народ“, додаде Заев.
Тој посочи дека Интервентниот план комплетно се поклопува со фискалните стратегии на Министерството за финансии и економските ресори и додаде дека тој ќе претставува сериозна движечка сила на развојот на нашата економија, која ќе може да го промени целокупниот имиџ и да го подигне економскиот стандард на граѓаните, БДП-то и севкупниот извоз во државава.