Конфликтот со платеничката група Вагнер – најсериозна безбедносна криза во Русија во последните 30 години

Растечкиот конфликт меѓу военото раководство на Москва и Евгениј Пригожин, шеф на приватната платеничка група Вагнер, експлодираше во отворен бунт што ја втурнува Русија во неизвесност и во сериозна закана од граѓанска војна.

Драматичниот пресврт на настаните започна во петокот кога Пригожин отворено ја обвини руската војска за напад на камп на Вагнер и убивање на „огромен број“ негови луѓе. Тој вети дека ќе возврати со сила, инсинуирајќи дека неговите сили ќе „уништат“ каков било отпор, вклучително и блокади на патиштата и авиони. Пригожин најави марш кон Москва. Рускиот претседател Владимир Путин тоа го оцени како „предавство“.

Пригожин подоцна малку ретерираше, велејќи дека неговата критика кон руското воено раководство е „марш на правдата“, а не државен удар.

Кризата потоа се продлабочи кога Пригожин изјави дека неговите борци влегле во руската област Ростов и ги окупирале клучните воени инсталации во нејзиниот главен град. Тој град, Ростов на Дон, е седиште на јужната воена команда на Русија и дом на околу еден милион луѓе.

Путин денеска предупреди дека со предавство против неговото владеење на Русија и се заканува граѓанска војна, а истовремено, руските сили започнаа операција за справување со бунтот на платеничката група Вагнер.

Настаните кои брзо ескалираат го означуваат досега најсериозниот предизвик за долгогодишното владеење на шефот на Кремљ и најсериозната безбедносна криза во Русија од доаѓањето на власт кон крајот на 1999 година.

Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, до неодамна близок сојузник на Путин, соопшти дека неговите војници ја презеле контролата врз воен команден центар и базите во јужниот град Ростов на Дон, нервниот центар на руската офанзива во Украина, и вети дека ќе го соборат воениот врв на Москва.

Понатаму на север, на можната рута на Вагнер кон Москва, гувернерот на руската област Воронеж рече дека вооружените сили започнале „контратерористичка операција“ за да го потиснат бунтот. Магацин за гориво во градот Воронеж е во пламен.

Безбедносната служба ФСБ го обвини Пригожин дека се обидел да започне „граѓански конфликт“ и ги повика борците на Вагнер да го приведат.

Во телевизиско обраќање, Путин го обвини Пригжин – чија приватна армија обезбеди трупи за офанзивата на Москва во Украина – дека му „забил нож во грб“, што според него, претставува закана за опстанокот на самата Русија.

– Секое внатрешно превирање е смртоносна закана за нашата државност и за нас како нација. Ова е удар за Русија и за нашиот народ, рече Путин. Оваа битка, кога се решава судбината на нашиот народ, бара единство на сите сили…Екстравагантните амбиции и личните интереси доведоа до предавство, истакна рускиот лидер, мислејќи на Пригожин, кој сега раководи со приватна воена сила.

„Сите оние кои свесно го одбраа патот на предавството, кои подготвија вооружен бунт, одбраа уцени и терористички методи, ќе претрпат неизбежна казна, пред законот и пред нашиот народ“, вети Путин.

Говорот на рускиот претседател дојде набргу откако Пригожин објави своја порака, очигледно снимена во Ростов на Дон, во која го обвинува руското воено раководство за предавство и неуспех во тековната битка против украинските сили.

„Изгубена е огромна територија. Војници се убиени, три, четирипати повеќе од она што го пишува во документите прикажани на врвот“, рече тој, обвинувајќи ги командантите дека од Кремљ го кријат вистинскиот обем на руските загуби во Украина.

„Воените локации во Ростов, вклучително и аеродромот, се под контрола“, рече тој, додавајќи дека воените авиони кои учествуваат во офанзивата во Украина „ нормално извршуваат задачи“.

Во Украина, службите за итни случаи соопштија дека три лица загинале, а речиси десетина се повредени во Киев по, како што рекоа властите, напад од 40 руски крстосувачки ракети и најмалку два напади со беспилотни летала.

По говорот на Путин во кој го обвини за предавство, Пригожин одговори: За предавството на татковината: претседателот многу греши. Ние сме патриоти на нашата татковина. Никој не планира да се предаде на барање на претседателот, ФСБ или кој било друг“.

Штабовите на Русија во Ростов на Дон е клучна логистичка база за нејзината офанзива во Украина.

Прочитајте и:  Путин: Русија истрела балистичка ракета со среден дострел кон Украина

Гледајќи како се одвиваат настаните во Русија додека неговите сопствени сили спроведуваат контраофанзива со бавно движење, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека бунтот покажува дека рускиот обид пропаѓа. Слабоста на Русија е очигледна. Целосна слабост, рече тој.

– И колку подолго Русија ги држи своите војници и платеници на нашата земја, толку повеќе хаос, болка и проблеми ќе има за себе подоцна. Исто така, очигледно е дека Украина е во состојба да ја заштити Европа од ширењето на руското зло и хаос, оцени Зеленски.

Фотографии на медиуми покажаа вооружени мажи околу административните згради во Ростов и тенкови распоредени во центарот на градот. Не е јасно кои се вооружените лица.

Градоначалникот на Москва објави дека во главниот град се преземаат „антитерористички“ мерки и властите соопштија дека безбедноста е засилена во неколку региони.

Критичните објекти се „под засилена заштита“, јавија руски медиуми повикувајќи се на извор од органите за спроведување на законот.

Генералниот обвинител Игор Краснов го информирал Путин за „покренување на кривично дело во врска со обид за организирање вооружен бунт“, изјави портпаролот на Кремљ, Песков.

Руското Министерство за одбрана предупреди дека украинските војници ги користат предностите на внатрешните борби за да подготват напад во близина на источното жариште Бахмут.

Истакнат руски генерал го повика Пригожин да ги прекине напорите за смена на раководството на Министерството за одбрана. „Ве повикувам да престанете“, рече Сергеј Суровикин, командант на руските ВВС.

Тинк-тенк институт за проучување на војната со седиште во Вашингтон, објави дека обидот на шефот на Вагнер да принуди промена на раководството во Министерството за одбрана „малку е веројатно да успее“ со оглед на тоа што Суровикин го осуди неговиот повик за бунт. Сепак, се вели дека очигледното заземање на Ростов на Дон од страна на Вагнер „ќе има значително влијание врз воените напори на Русија во Украина“.

Во меѓувреме, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров соопшти дека неговите војници заминале кон Ростов и Воронеж за да помогне на трупите на Москва.

Американскиот претседател Џо Бајден беше информиран за ситуацијата во Русија и Вашингтон и „ќе се консултира со сојузниците и партнерите за овие случувања“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Адам Хоџ.

Франција и Германија Италлија и Велика Британија наведоа дека внимателно ги следат настаните во Русија.

Инаку, Пригожин го познава Путин од 1990-тите. Тој стана богат олигарх добивајќи профитабилни угостителски договори од Кремљ, поради што го доби називот „готвачот на Путин“.

Неговата трансформација во брутален воен лидер дојде како последица на сепаратистичките движења поддржани од Русија во 2014 година во Донбас во источна Украина, пишува Си-Ен-Ен.Пригожин го основаше Вагнер за да биде тајна платеничка група која се бореше и во источна Украина и, сè повеќе, се бореше за цели поддржани од Русија низ светот.

Си-Ен-Ен има податоци за присуство на платеници на Вагнер во Централноафриканската Република, Судан, Либија, Мозамбик, Украина и Сирија. Со текот на годините тие развија особено ужасна репутација и беа поврзани со разни прекршувања на човековите права.

Пригожин дојде посебно во фокусот на меѓународната јавност по целосната инвазија на Москва на Украина во февруари 2022 година.

Пригожин ги користеше социјалните мрежи за да лобира за она што го сака и често влегуваше во спорови со военото раководство на Русија, оценувајќи се себеси како компетентен и безмилосен за разлика од воениот естаблишмент во Москва.

Неговите несогласувања со рускиот врв експлодираа во јавноста за време на мрачната и немилосрдна битка за Бахмут за време на која тој постојано го обвинуваше военото раководство дека не ги снабдува неговите војници со доволно муниција.

Путин го спореди она со кое сега се соочува со Руската револуција во 1917 година, кога болшевиците го соборија рускиот цар Николај Втори среде Првата светска војна, втурнувајќи ја земјата во граѓанска војна и на крајот отворајќи го патот за создавање на Советскиот Сојуз.

„Ова беше ист вид на удар што Русија го почувствува во 1917 година, кога земјата влезе во Првата светска војна, но ѝ беше украдена победата“, рече Путин.

МИА

- Реклама -