Петгодишното аутистично момче Даниел од Калифорнија (САД), секогаш покажувал голем интерес за единствниот ден во неделата кога комуналците доаѓаат со нивниот голем камион да ги однесат ќесите со отпадоци. Свесен за овој необичен интерес, еден комуналец за кој единствено се знае дека се вика Мануел, одлучил на момчето да му подари поклон кој знаел дека ќе му се допадне – камионче играчка, слично на големиот камион кој толку многу го привлекува.
„Еден човек, во eден момент, допре во животот на едно аутистично дете. Срцата ни се преполни“, напишала мајката на Даниел под видеото кое го поставила на YouTube.
Таа инаку често го снима денот кога ги собираат отпадоците, бидејќи е голем ден за нејзиниот син. Ова видео, за брзо време се прошири низ интернет страниците, а комуналецот со добро срце, добил награда од неговата фирма.