Доктор Ранко Рајовиќ несомнено е еден од најистакнатите стручњаци во нашиот регион кога станува збор за раниот развој на детската интелигенција. Тој е основач на системот на учење „НТЦ“ (Никола Тесла Центар) кој ги стимулира интелектуалните способности кај децата и на МЕНСА Југославија (денешна Србија).
Прочуениот татко на четири деца несебично го шири своето широко знаење со другите родители, помагајќи им да си ги подобрат своите методи на воспитување. Тој се залага за свет во кој децата помалку ќе ја користат технологијата, а повеќе ќе играат и ќе поминуваат време со своите мајки и татковци.
Еве дел од неговите совети:
Не го затрупувајте детето со играчки. Многу од играчките баш и нема многу да ги користат. Детето сосем убаво си игра и кога има помалку играчки, па со својата фантазија додава елементи за да си ја разубави играта. Важно е родителите да ги препознаат интересите на детето, па по пат на тие специфични интереси, да им ги развијат мисловните процеси, новите идеи, така се развива и креативноста. На пример, ако детето сака диносауруси, нека му купат 3Д диносауруси, сложувалки со диносауруси. Можат да му купат и атлас на светот, па детето да ги научи државите од светот, зашто го интересира каде живееле диносаурусите, потоа можат да гледаат некој филм за нив, да купат фигури со диносауруси со кои може да прават многу нови игри и сцени. Сите тие активности придонесуваат за развој на креативноста.
Поставете граници. Детето мора да има јасни граници кои ги поставуваат родителите. Природно е детето да се обидува да ги премине тие граници, но границата е тука, па лесно ќе го вратиме детето. Доколку родителите не поставуваат граници и му дозволуваат на детето да прави што сака, тогаш влегуваме во проблем, зашто детето самото себе не може да си одреди граница. Ако го знаеме ова, тогаш со многу љубов и трпение, нема да згрешиме.
Ограничете го времето пред екран. Мора да поставите граница, понекогаш може да попуштите, но граница мора да постои. Новите технологии се корисни, но родителите мораат да знаат дека можат да бидат штетни ако детето ги користи премногу. Штетноста е во тоа што детето губи чувство за време, па може да игра и по 20-30 минути, а има случаи кога детето игра и по 2-3 часа. Тоа преминува во навика и повеќе никој не може да ја замени играта.
Супер е кога детето има мобилен телефон, зашто ќе биде мирно и ќе се одморите од него. Па зошто имате дете ако морате да се одморите од него? На детето морате да му се посветите, а мозокот најмногу се развива во движење од втората до петтата година. „Работа“ на детето од втората до петтата година е да се движи, врти, скока, а не час или два да гледа во мобилен.
Кажете „Не“ на учењето напамет. Децата денес не ги поврзуваат информациите и не се научени да мислат. Учењето напамет е застарено и треба што поскоро да престане да се применува. Тоа физиолошки не е во склад со нашиот мозок и е бесмислено. Учењето треба да биде игра, на децата училиштето треба да им е интересно, да се смеат и да немаат страв од одговарање. Децата треба да сакаат да го покажат своето знаење, да креваат рака, дури и ако одговорот не е точен.
Научете ја границата меѓу штитење и презаштитување. Како биолошки организам, детето мора да се развива, да излегува и на дожд и на ветер и на сонце, па дури и да падне, можеби да ги одере лактите и колената. Меѓутоа, има родители кои не им дозволуваат на децата да паднат. Тоа е презаштитување и тоа е она што го спречува развојот на детето.
Целата статија на Фемина